Даниел Кајмакоски позирал со „орелот“ среде Белград?

Македонскиот пејач Даниел Кајмакоски ја испровоцира цела Србија откако на снимањето на забавното шоу „Твоето лице звучи познато“ среде Белград, со рацете го покажал симболот на албанскиот орел и така позирал за фоторепортерите. Така барем сметаат Србите.

Тие се посебно гневни и разочарани со оглед дека Кајмакоски се прослави токму во Србија, кога во 2014-та победи на српската верзија на талент шоуто „Икс Фактор“. Тогаш ментор му беше Жељко Јоксимовиќ, кој со него сними и дует. Со покажувањето на орелот, кој некои го сметаат за не само албански, туку и симбол на „Голема Албанија“, Србите сметаат дека Кајмакоски покажал страшна неблагодарност. Дел од нив бараат да биде протеран и да не му биде дозволено веќе да стапне во Србија. Други велат дека тоа го направил за да ги добие гласовите на албанската публика.

Од продукциската куќа „Емоушн“, пак, која е продуцент на „Твоето лице звучи познато“, велат дека не мислат дека Кајмакоски го покажувал орелот и не виделе ништо спорно во потегот. Велат дека нивните шоу програми се од забавен карактер и доколку помислеле дека станува збор за било какви политички симболи и пораки, веднаш ќе реагирале.

И членови на жирито го бранат Кајмакоски. Велат дека е супер дечко и дека свесно не би направил ваква провокација.

И Кајмакоски е шокиран од реакциите и се чуди од каде тоа дека покажувал орел. Како што тврди за „Информер“, тој едноставно им ги покажувал на камерите своите лакирани нокти, додека се маскирал во пејачката Тејлор Свифт.

„Една од позите ми беше и оваа која предизвика скандал. Немав поим дека тоа е некој албански симбол. Македонец сум и православен, никогаш тоа намерно не би го направил. Во шок сум поради сето ова“, вели Кајмакоски.

 

- Реклама -