Дали никотинот помага против коронавирусот?

Според една француска студија, пушачите би можеле да бидат подобро заштитени од корона, затоа што никотинот ги блокира местата за прицврстување на вирусот. Друга студија пак го тврди спротивното.

Пушачите важат за ризична група при инфекциите со коронавирус. Нивниот тек на болеста, според една студија објавена во Чајниз Медикал Журнал , главно минува потешко и е подолготраен од оној на непушачите, а честопати завршува дури и со смрт.

Француските научници од тимот на невробиологот Жан-Пјер Шанже на Институтот Пастер, меѓутоа, претпоставуваат дека никотинските фластери би можеле да помогнат за спречување на инфекции со опасниот вирус. Тие објавија ваква хипотеза на научниот портал Киос .

До таква хипотеза дошле поради тоа што, според нивните податоци, кои се спротивни на кинеската студија, меѓу пациентите со Ковид-19 имало само мал број на пушачи.

Најважни резултати од студијата: Од 500 Ковид-19 пациенти, 350 биле лекувани во болница, а 150 имале полесен тек на болеста. Само пет проценти се пушачи, рече раководителот на студијата и професор по интерна медицина, Захир Амура за агенцијата АФП. Тоа значи дека меѓу болните од Ковид-19 има 80 проценти помалку пушачи отколку што има пушачи воопшто во населението од истите групи на возраст и пол.

До сличен резултат дојде и една поранешна студија на истражувачи од Верона, Италија, предводени од Џузепе Липи, која беше објавена во Европскиот журнал за интерна медицина. И тука заклучокот е дека пушачите не заболуваат почесто од Ковид-19 отколку другите.

Никотинот како заштита?

Француската студија поаѓа од тоа дека никотинот би можел да биде заштита од короната. Зад тоа се крие хипотезата „дека никотинот се прицврстува на клеточните рецептори (АЦЕ2), кои се користат од страна на коронавирусот, и на тој начин го спречува прицврстувањето на вирусот“, објаснува професорот Жан-Пјер Шанже од Институтот Пастер.

Вирусот не може да навлезе во клетката и не може да се шири во организамот, гласи заклучокот на истражувачите. Тоа сега се истражува детално во париската болница Ла Пити-Селпетриер.

Помага ли против Ковид-19? Лекарите сепак препорачуваат да не се пуши

Каква улога навистина имаат АЦЕ2-рецепторите?

Меѓутоа, научниците не се единствени во ставот дека АЦЕ2-рецепторите имаат блокирачко дејство. Невролозите Џејмс Л. Олдс и Надин Кабани од Ферфекс, Вирџинија, уште на 18 март објавија студија во ФЕБС Журнал во која се вели дека никотинот повеќе ги поттикнува клеточните рецептори.

Оттука, тие претпоставуваат дека вирусот има дури и подобри можности да навлезе во клетките. Тоа би било објаснувањето за особено тешки случаи на заболени од Ковид-19 кај пациентите пушачи.

Продолжете на ДВ

- Реклама -