„Овие помилувања го разоткрија тесниот сојуз меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и подземјето. Сиљановска-Давкова нема срам што криминалците јавно ѝ се заблагодаруваат, зашто ова не е само исплата на долгови што власта ги има кон нив“, рече портпаролката на СДСМ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова има дрскост да тврди дека „не знаела“ за криминалните досиеја на „интересни ликови“, а одговорноста ја префрли на Комисијата за помилување, наместо веднаш да ја повлече одлуката за помилување на осудените криминалци и наркобосови. Ова денеска на прес-конференција го посочи Богданка Кузеска, портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), посочувајќи дека последниот збор за помилувањата го има токму Сиљановска-Давкова, а комисијата дава само мислење.
„Одлуката е исклучиво нејзина. Ова го потврди и член на Комисијата, кој недвосмислено ја лоцира одговорноста кај претседателката“,
вели портпаролката Кузеска.
Во овој скандал, посочи таа, клучна е улогата на Министерството за правда, а министерот од Движењето ЗНАМ треба да одговори на прашањето дали е дадено позитивно мислење за помилување на криминалци и наркобосови.
„Министерот за правда должи одговор пред граѓаните. Зошто молчи, додека скандалот се разгорува? Дали тој лично се согласил со ослободувањето на луѓе што ја загрозуваат безбедноста на Македонија?“,
рече таа.
Бараме од кабинетот на претседателката, како што рече Кузеска, јавно да се објави мислењето на Министерството за правда, токму поради транспарентноста што многу ја ветуваа.
„Овие помилувања го разоткрија тесниот сојуз меѓу ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и подземјето. Сиљановска-Давкова нема срам што криминалците јавно ѝ се заблагодаруваат, зашто ова не е само исплата на долгови што власта ги има кон нив“,
вели таа.
Според неа, Македонија се претвора во опасна држава каде што криминалците се ослободуваат без одговорност, каде што правната држава е уништена и е загрозена безбедноста на граѓаните.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера изјави дека „личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот, тоа е факт, тоа сега го гледам“, но оти Kомисијата за помилување се водела од конкретни дела.
Претседателката донесе одлука за помилување десет осуденици, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески. На листата на помилувани се најде и Шенол Маслани од скопско Арачиново, брат на Шенаси Маслани, познат како Шенки Версаче, кој пред повеќе години на социјалната мрежа Фејсбук се промовираше облечен во брендот „Версаче“, а подоцна го отвори и кафулето „Версаче“ во Трговскиот центар „Мавровка“.
Покрај овие двајца, помилувани се и Акиф Равманоски, за кој медиумите пренесуваат оти е член на наркокланот „Барон“, и Марјан Ефремов, првоосомничен во аферата „Шпион“, чија казна затвор се намалува за три месеци.
Оваа одлука е јавна и е објавена во „Службениот весник на Република Северна Македонија“.