Дали ќе има нафта за автобусите на ЈСП „Скопје“ ќе ја прашате директорката на Бирото за јавни набавки, вели Арсовска

Арсовска вели дека постапката за набавка на нафта е почната навреме и направена е како што треба, а тоа што автобусите на ЈСП „Скопје“ немаат нафта смета дека е поради политика

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска вели дека од директорката на Бирото за јавни набавки зависи дали повторно ќе има проблем со набавката на нафта за автобусите на ЈСП „Скопје“ и дали граѓаните нема да можат да го користат јавниот превоз.

Арсовска вели дека постапката за набавка на нафта е почната навреме и направена е како што треба, а тоа што автобусите на ЈСП „Скопје“ немаат нафта смета дека е поради политика.

„Испочитувани се законските рокови, поминато е времето на жалба и на денот на склучување на договорот, доаѓа директорката на Бирото за јавни набавки и во првите управни контроли што ги прави, ја прави управната контрола и со целото свое знаење и одговорност што ја носи како директор на таа институција донесува одлука со која што ја поништува јавната набака знаејќи кои се реперкусиите од тоа што се прави“,

рече Арсовска во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.

Арсовска вели дека иако таа е градоначалник на Скопје, власта е во рацете на мнозинството во Советот што е предводено од ВМРО-ДПМНЕ и одговорноста треба таму да се бара. 

За тоа зошто на тендерот се појавува само една фирма, градоначалничката вели дека може да посочи стотици други јавни набавки во кои се појавила само една компанија и не биле спорни.

„Се работи за загубар со кој за да соработувате ќе треба да го издржите. Тој не може да ги плаќа и да ги сервисира обврските онака како што би ги плаќал некој кој што не е загубар. Второ, количините кои се трошат се огромни“,

рече Арсовска.

За тоа дали ќе биде доволна нафтата што Владата му ја позајми на ЈСП „Скопје“ од државните резерви, градоначалничката вели дека зависи од тоа дали повторно ќе ја поништат јавната набавка или не.

„Ќе се обратите кај директорката на Бирото за јавни набавки и ќе ја прашате која и е намерата при вршење управна контрола да поништи повторно набавка и кои се оние работи кои би требало да бидат исполнети како услови за таа да биде среќна и да не предизвика криза во Градот Скопје, која што понатаму ќе треба премиерот да ја решава на седница на Влада“,

одговори Арсовска на прашањето дали е можно повторно да нема автобуси следната недела.

Градоначалничката повторно посочи дека на ЈСП не му се исплаќаат пари од Министерството за образование и наука за бесплатниот јавен превоз за студентите и средношколците и дека по тој основ долгот кон претпријатието во јануари би достигнал 10 милиони евра. 

„Треба да излезат јавно и да кажат поддржуваат и субвенционираат студентски стандард и бесплатен јавен превоз за студентите или не. Тоа е едноставно просто-проширена реченица во која што треба да излезе одговорното лице и да каже ние како министерство од денеска натаму повеќе немаме намера ниту да платиме тоа што должиме ниту ќе го субвенционираме студентскиот стандард односно бесплатниот студентски превоз. Никогаш немало активен договор“,

изјави Арсовска.

Во однос на договорот постигнат меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ со приватните превозници, Арсовска кажа дека таа повеќе пати ја дала нејзината поддршка за нивните барања.

„Во секој случај одлуката не треба јас да ја наметнувам, треба да ја гледаат советниците и да ја носат во рамки на Советот. Сега потврдивте дека мнозинството односно власта во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ утре ќе има седница и ќе носи одлука за која што веќе се договориле и за цената од 100 денари“,

рече таа додавајќи дека од тоа се гледа кој е власт во градот, кој носи одлуки и за колку брзо време може да се донесе некоја одлука доколку сака. 

Арсовска, која неодамна кажа дека нема да се кандидира за втор мандат, смета дека ќе остане запаметена кај скопјани по тоа што успеала да реализира над 200 инфраструктурни проекти и над 800 проекти кои се од интерес на граѓаните и се дел од програмата за модерно Скопје. 

- Реклама -