д денес државата ќе враќа 50% од парите доколку ставите плински уред во автомобилите
Од Министерството за економија објавија дека за оваа мерка успеале да изнајдат средства преку ребалансот на буџетот, а заинтересираните ќе добијат максимум до 300 евра во зависност од потрошената сума. Сепак, нема да може да аплицираат возачите, чии автомобили се произведени пред 2005-тата година. На конкурсот, кој е веќе отворен, ќе може да се аплицира во наредните 30 дена.
Кои се главните предности на употребата на плин?
• Намалени трошоци за гориво
• Помало топлинско оптоварување на моторот
• Намалено загадување на околината
Колку се безбедни плинските уреди?
Плинската инсталација во автомобилот во пракса е подеднакво безбедна како и бензинската инсталација. Секако, само во случај ако е коректно инсталирана инсталацијата – системот за довод на бензин се вградува во фабрика, додека плинскиот систем во различни работилници. Затоа секогаш треба да се помине А – тестот, кој во суштина значи потврда од овластена институција дека уредот е коректно поставен и може безбедно да се користи.
Колку ќе биде потрошувачката во град и на отворено?
Генерално, секој мотор троши по околу 10% повеќе плин отколку бензин.
Колку простор од багажникот се губи?
Се зависи од големината на плинската боца. Просечно се губи по 20 – 30 % од багажниот простор.
Како плинот влијае на работењето на моторот?
• Потивка и помирна работа на моторот
• Зголемување на векот на траењето на моторот од прилика за 35%
• Целосно согорување на плинот при што не се губи гориво преку издувни гасови
• Не доаѓа до создавање корозија како кај бензинот каде што се користат адитиви за подобрување на составот
• Дупло поголем век на траење на катализаторот и ламбда сондата
Дали плински уреди може да се вградат во секое возило?
Плински уред може да се вгради во секое возило со ОТО мотор (со погон на бензин). Во поново време се повеќе производители продаваат и нови автомобили со фабрички вградени плински уреди.
Што значи кратенката LPG?
LPG е кратенка за Liquid Petroleum Gas што во превод ви било ТНГ (Течен нафтен гас), што значи дека плинот е дестилат на нафтата. Смесата е сочинета од пробан и бутан, а процентуалното учество на двата гасови зависи од надворешната температура, односно годишното време. Во пракса, во зима плинот содржи повеќе пропан, додека во лето бутан.
Дали е потребно некаков вид на разработување на моторот пред да се вгради плинскиот уред?
Нема никаква потреба за разработување на моторот пред да се вгради плински уред. Според статистиките, моторот на возило во кое е вграден плински уред на 0 километри трае до 30% подолго од ист таков мотор кој користел бензин. Препорачливо е со вградувањето на плин да се користи и поквалитетно масло за подмачкување.
Каква е потрошувачката, колку километри ќе може да се извози со плин?
Зависи колку литри плин ке собере во боцата за плин. Поголемите боци значат и поголем број на изминати километри и обратно.
Торусна боца?
Торусната боца е вградена во делот на резервното тркало со што се овозможува поголем багажен простор.
Дали и колку ќе се намали моќноста на возилото?
Кај стандардните плински уреди се губи по 10% од моќноста на возилото, а 5% од брзината. Кај современите уреди со директно впрскување на плин, се губи незначителни 2-3% од моќноста и брзината.
Какви плински системи постојат?
• Вакуумски системи за подготовка на горивна смеса со карбуратор
• Електронски – системи со “injection“ впрскување непосредно пред цилиндарот (monopoint и multipoint)
• Секвенционални – системи за директно впрскување на горивото во цилиндарот
Дали е добра долгорочна инвестиција?
Авто плинот се добива од нафтата, што значи дека со растот на цената на нафтата, ќе расте и цената на плинот. Исто така, цената на плинот не е регулирана на државно ниво, па дистрибутерите сами одлучуваат за цената. Сепак, сигурно е дека цената секогаш ќе биде околу 50% пониска од таа на бензинот, па плинската инсталација е исплатлива инвестиција.