Дачиќ: Во конфликтот во Македонија со албанските сепаратисти се вклучи цела меѓународна заедница, а сега Србите немаат право ни да протестираат против теророт

Првиот вицепремиер и шеф на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави денеска дека Србија треба да се чува од сите провокации и дека, како што порача претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Србите на Косово треба да останат мирни и да ѝ веруваат на својата земја, која ќе направи сè за да се зачува мирот, по вчерашните судири околу манастирот во Бањско, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ за ТВ Прва изјави дека во оваа ситуација меѓународната заедница се извлекува, практично дозволувајќи да дојде до конфликт на Косово и оставајќи ги Србите да бидат застрелани од „косовско-албанската полиција“.

„Јас велам косовско-албанската полиција, бидејќи тоа е албанската полиција, а косовската полиција би била кога во неа би имало Срби“, објасни Дачиќ и додаде дека целата суштина на Бриселскиот договор била Србите да управуваат со територијата на која живеат Србите.

Тој нагласи и дека сето она што сега се случува е продолжување на напорите на премиерот на Косово, Албин Курти, да ја испровоцира целата ситуација.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

Дачиќ изјави и дека „кога избил конфликтот во Македонија меѓу државата и албанските сепаратисти“, целата меѓународна заедница се вклучила во решавањето на тој конфликт, а сега, вели, „Србите немаат право ни да протестираат против теророт што им се врши“.

„Српскиот народ има право да се брани и да ја изрази својата политичка волја. Поентата овде е, како што вели претседателот Вучиќ, дека сите оние кои ги окрвавија рацете и учествуваа и ја поддржаа агресијата врз Србија во 1999 година, сега продолжуваат со таа политика и поставуваат политички и медиумски темели за поддршка на режимот на Курти“, изјави шефот на српската дипломатија.

Дачиќ додаде дека Србија е за продолжување на дијалогот со почитување на принципите договорени пред 10 години.

Тој, исто така, нагласи дека единствената вооружена сила во Косово може да биде КФОР, додавајќи дека такви ситуации немаше да се случат доколку КФОР и Србите беа во полицијата.

Извор: МИА

- Реклама -