Македонскиот јазик е еден од најбогатите со поими кога се во прашање роднинските односи. Крвното сродство, односно роднинството, во традиционалната култура на Македонците се сметало за света работа која крајно се почитувала. Блиските роднински односи се чувале, не само меѓу семејствата на родените браќа и братучеди, по чичко, вујко и тетка, туку и меѓу подалечните роднини.
Бидејќи македонскиот народ е семеен народ и долго време ги одржува семејните традиции, во јазикот се користат многу термини кои не можат да се најдат или воопшто не се користат во другите јазици, па дури и меѓу оние со словенскo потекло.
Дикректните односи како родители, баби, прабаби ни се на сите добро познати, но дилемите се секогаш тука кога ќе се споменат брачните роднински и генерациски односи.
Време да ги научиме.
Брачни роднински односи
Чичко – брат на таткото
Стрина – сопруга на братот на таткото – не е во крвно сродство
Вујко – брат на мајката
Вујна – сопруга на вујкото – не е во крвно сродство
Тетка – сестра на таткото или на мајката
Тетин – сопруг на тетката – не е во крвно сродство
Брачни, генерациски односи
Свекор – татко на сопругот
Свекрва – мајка на сопругот
Тест (дедо) – татко на сопругата
Тешта (баба) – мајка на сопругата
Зет – сопруг на ќерката или сестрата
Снаа – сопруга на синот, внукот или братот
Шура – брат на сопругата
Шурнајка – сопруга на братот на сопругата (сопруга на шурата)
Свеска (балдаза) – сестра на сопругата
Баџанак – сопруг на сестрата на сопругата
Девер – брат на сопругот
Золва – сестра на сопругот
Јатрва – сопруга на братот на сопругот
Сват – татко на сопругот на ќерката или на сопругата на синот
Сваќа – мајка на сопругот на ќерката или на сопругата на синот
Останато
Единец или единица – единствено дете на родителите
Посмртче – дете родено по смртта на неговиот татко
Посвојче – посвоено дете
Најденче – најдено дете чии родители не се познати
Копиле (експл.) – дете на кое не му се знае таткото
Сираче – дете на кое му умреле родителите
Кум или кума – сведоци на брачниот пар при венчавањето или на детето при крштевањето
Кумче или кумичка – дете во однос на кумот кој го крстил
Кумашин и кумашинка – брачниот пар во однос на кумот кој ги венчал
Старосват (старејко) или старосватица (старејковица) – вториот сведок (покрај кумот) при венчавањето
Побратим – близок пријател со кого со усен договор меѓусебните односи се уредуваат како братски
Посестрима – блиска пријателка со која со усен договор меѓусебните односи се уредуваат како сестрински
/Извор: Википедија