Д-р Беќаровски: Дали ќе им верувате на црните мантии или на белите мантили – одлуката е само ваша

Да се чува здравјето или да им се верува на свештениците? Додека за некои едното не го исклучува другото, според д-р Нико Беќаровски, разликата е како меѓу црно и бело. По повод празниците, тој им порача на граѓаните да бидат внимателни во своите одлуки.

„Дали ќе им верувате на црните мантии во чии книги пишува дека земјата е плоча, или на белите мантили – одлуката е само Ваша. Останете овие празнични денови НАДВОР на чист воздух, за да не дишете покасно течен кислород внатре“, предупредува Беќаровски, веројатно алудирајќи (со оглед на тајмингот на постот) на изјавата на владиката Петар дека МПЦ-ОА во никој случај нема да се откаже од причест со едно исто лажиче, за која доби остри критики од министерот за здравство Венко Филипче.

„Како што многу пати повторувам во последната година, битката со вирусот е заедничка и секоја алка во тој синџир на одговорност мора да функционира. Апелирам граѓаните да бидат максимално одговорни за време на празниците и да ги почитуваат мерките за заштита“, порача вчера министерот, откако како „игнорантски“ и „неразбирлив“ го оцени односот на владиката кон опасноста од вирусот и мерките за заштита од ковид-19, какви што имаат и Српската и Руската православна црква.

- Реклама -