Црвената фурија ја збриша Аргентина

Селекцијата на Шпанија потврди дека се наоѓа во топ форма во пресрет на Олимписките Игри во Лондон, што се покажа и во пријателски дуел во Ла Коруња, во кој го декласираше силниот состав на Аргентина со 105:85.

„Црвената фурија“ одигра беспрекорно во првата четвртина, којашто ја доби со 33:13, а во преостанатиот дел од мечот не им дозволи на противниците ниту да се понадеваат на резултатско враќање во натпреварот. На моменти предноста на шпанскиот национален тим изнесуваше и 29 поени, а дури во самиот финиш, по излегувањето од игра на сите стартери на „Црвената фурија“, противникот успеа да стигне до конечни 105:85.

„Знаевме дека Аргентина е еден од главните фаворити за медал и сакавме со добра игра денеска да ги покажеме своите квалитети. Успеавме во тоа, можеме да бидеме горди на своето издание, но свесни сме дека вистинските предизвици допрва ни претстојат“ изјави шпанскиот репрезентативец Руди Фернандез.

Прочитајте и:  Шпанката Лаура Марин пее македонски песни

Пау Гасол со 17 поени беше најпрецизен во таборот на „Црвената фурија“, плејмејкерот Калдерон постигна 16, а Фернандез го заврши мечот со 12 поени. На спротивната страна, Џинобили со 19 и Скола со 18 поени беа најпрецизни кај Аргентинците, коишто претрпеа убедлив пораз и им претстои период на отстранување на грешките на само една недела до почетокот на Олимписките игри.

- Реклама -