Citroen ја претстави електричната верзија на Berlingo

На салонот на комерцијални возила во Хановер, кој се одржува на секои две години, Citroen ја претстави електричната верзија на Berlingo.

Нагласувајќи го позитивниот имиџ кој ова возило ќе го донесе на компаниите, Citroen за Electric Berlingo, кој ќе доаѓа со две должини, од 4,38 и 4,63 метри, кажува уште дека ја користи електричната погонска група од Mitsubishi, која се состои од електромотор од 49 kW и 200 Nm и пакет батерии од 22,5 kWh монтирани под подот во задниот дел, кои по 6 или 12 часа полнење во зависност од расположливиот полнач, му овозможуваат автономија од 170 km, додека на брзи полначи, за 30 минути на располагање ќе бидат 80% од капацитетот.

Во просторот за товар со волумен од 4,1 m³ можат да се натоварат 675 kg, што е идентично како и кај верзиите на Berlingo со мотори со внатрешно согорување. Electric Berlingo е четврто електрично доставно возило од Citroen – францускиот производител досега ги има подготвено електричните верзии на C15, C25 и првата генерација на Berlingo. Ќе се произведува во Шпанија, а во продажба ќе се најде кон средината на идната година.

Објавено во соработка со Авто Плус.

- Реклама -