ЦИА vs. мачки

Во 1960-тите, ЦИА работела на проект наречен „Акустично маче“, чија цел била обука на мачки-шпиони. Тоа и не е така чудно како што изгледа. Мачките се притаени, паметни, брзи и можат да прескокнат високи објекти, а кај повеќето луѓе, при средба со мачка, примарната реакција е да ја погалат, а не да претпостават дека е шпион. Токму поради овие причини ЦИА всадила предавател со големина од околу 2 см во две женски мачки. Потоа сокриле микрофон во ушниот канал и антена што се протегала се до врвот на опашката. Сепак, со оглед на големината на телото на потенцијалните шпиони, користените батерии биле многу мали и имале капацитет да снимат само кратки разговори. Поминало извесно време додека била постигната вистинската комбинација на компоненти кои не би им пречеле на четириножните агенти во мобилноста или пак би ги иритирале да ги лижат и чешаат направите за следење и снимање.

mache1
Следува моментот што веројатно го претпоставивте од самиот почеток и изнуди мал потсмев упатен кон оптимистички настроените оперативци на ЦИА. Имено, операцијата била лесниот дел. Маката била во тоа да се истренираат мачките да следат наредби. Како што секој што некогаш бил во присуство на мачка знае, да се натера ова животно да направи било што освен тоа што му е желба, е редок и воодушевувачки успех. Истражувачите, едноставно, биле наивни.

Биле наивни цели 5 години и потрошиле околу 20 милиони долари на обуката, но од нивната специјална мачка-агент немало ни трага. За сето време успеале само да ја научат да се движи во одредена насока или да стигне до одредена дестинација, под команда, под услов нешто да не и го привлече вниманието, да не е гладна и да не и е досадно. Повторно, како што сите освен ЦИА знаеме, мачките се баш такви во најголемиот дел од времето.

mache2

Сепак, научниците решиле да го пуштат новиот добро-обучен агент на проба, па се упатиле кон Вашингтон. Тамошниот парк важел за познато место за средби на советските шпиони, а целта биле двајца мажи кои седеле на една од клупите. Само што бил пуштен во акција, „специјалниот таен агент“ направил неколку чекори и бил прегазен од такси возило во поминување.
Проектот завршил во канта и бил оценет како целосно промашување. Оттогаш наваму, немаме информација дека некој се обидел да изведе слични егзибиции со незгодните мачки.

- Реклама -