Можеби клучот е во дополнителното „вежбање“, менталниот предизвик или едноставно психолошкото влијание, но како и да е, неодамна спроведеното истражување на германските научници покажува дека постарите лица кои поминуваат многу време со своите внуци имаат подобро здравје и подолго живеат.
Психологот Ралф Хертвиг и неговите колеги од берлинскиот институт Макс Планк проучувале податоци од Анкетата околу стареењето во чии рамки во периодот од 1990 до 1993 година биле испитани повеќе од 500 лица постари од 70 години, податоци кои потоа се следени до 2009 година.
Истражувачите заклучиле дека половина од дедовците и бабите кои повремено се грижеле за внуците биле живи и 10 години по првиот разговор. Тие кои не чувале внуци, или немале внуци, умреле во првите 5 години.
Сепак, погрешно е да се заклучи дека колку повеќе чувате внуци, толку подолго ќе живеете, истакнува и потсетува Хертвиг. Како што прочитавте и во претходниот пасус, клучниот збор е „повремено“. Имено, резултатите од претходните истражувања направени врз баби и дедовци кои биле задолжени за целодневно чување внуци покажале дека таквата задача за нив е многу стресна и исцрпувачка.
„Треба да се најде златна средина“, вели Хертвиг, додавајќи дека најдобриот метод е да го слушате внатрешниот глас. Тој нагласува и дека очекување на било што за возврат за чувањето внуци (како на пример благодарност од внуците или родителите) може да резултира со голема фрустрација ако такво нешто не добиете.
Ерхард Хаклер, директор на германското Национално здружение на стари лица, и самиот дедо, вели дека повремената грижа за внуците ве одржува ментално и физички здрави. „Едноставно учествувате во сé, заедно со активности кои без внуци веројатно не би ги правеле“.
Сепак, и тој нагласува дека е сосема нормално тоа што никој од бабите и дедовците не сака да биде бејбиситер 24 часа дневно, и советува тоа да го истакнете уште на самиот почеток. „На своите деца можете да им речете: Си ги сакаме внуците, ама ве израснавме вас, и сега и нам ни треба малку слободно време за нас самите“, предлага Хаклер.
„За добар, квалитетен живот, најважно е да се чувствувате потребни“, вели Кристоф Енглерт – научник од Лајбниц институтот за стареење. Во процесот на стареење е важно да се чувствувате ценети и потребни, т.е. да имате чувство дека вредите, без оглед дали ве исполнува чувањето внуци или некој друг ангажман, вели Енглерт.
Тоа се гледа и од фактот што и кај луѓето без внуци, а кои се ангажирани во разни друштвени настани, постои тенденција за подолг животен век.