Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска го посети Секторот за внатрешни работи Скопје, пред сѐ, како што рече, мотивиран од потребата да ги охрабри полициските службеници да бидат истрајни во сите активности што ги преземаат, а што произлегуваат од мерките, препораките и одлуките на Владата.
„Целта е да бидеме непоколеблив гарант во заштитата на животот и здравјето на граѓаните. Не е време за политика и политички мотивирани одлуки, наша должност е да застанеме цврсто во заштита на граѓаните на нашата држава“.
Чулев, притоа, ја информираше јавноста дека заклучно до денес од страна на МВР против 47 лица се поднесени 39 кривични пријави, како и едно известување до надлежно ОЈО, повеќето врз основ на прекшување на членот 206 од Кривичниот законик, а во 12 од овие случаи и врз основа на членот 205 од КЗ на РСМ.
Чулев информираше и дека полициските службеници од СВР Скопје во моментов обезбедуваат 215 лица со решенија за изолација, од вкупно 349 лица на целата територија на државата, како и обезбедување и контрола на 1088 лица со наредби за самоизолација, што е речиси третина од вкупната бројка на самоизолирани лица на територијата на државата којашто во моментов изнесува – 3787.
Чулев потенцираше дека во изминативе 24 часа од извршените контроли над овие лица констатирано е дека на подрачјето на СВР Скопје едно лице не го почитувало решението за изолација, а петмина наредбите за самоизолација, додека пак на ниво на цела држава евидентирани се 27 случаи на непочитување на наредбите за самизолација.
Чулев истакна и дека од страна на припадниците на СВР Скопје во изминатите 24 часа извршена е контрола на вкупно 81 објекти, од кои три не ги почитувале одлуките на Владата и за истите е издадено предупредување. Вкупниот број на контролирани објекти на територијата на државата во последните 24 часа е 462, од кои шест објекти не ја почитувале одлуката на Владата.
Чулев потенцираше и дека полициcките службеници прават контроли двапати дневно на лицата кои се во изолација.
Рече дека засега сметаат дека не е потребно ангажирање на резервниот полициски состав, но доклку се промени ситуацијата и се укаже потреба, тоа и ќе биде направено.
Чулев додаде и дека не се размислува за воведување кpизна состојба на територијата на град Скопје, но потсети дека сепак тоа е одлука на Владата.
„Ние го зголемивме бројот на полициски службенци кои се на терен, а може во наредниот период да се преземат поригорозни мерки“, најави министерот за внатрешни работи.