Чулев побарал итно скратување на полицискиот час за сите граѓани

„Имајќи ги предвид статистичките податоци кои се однесуваат на лицата кај кои е утврдено присуство на корона вирусот кои имаат надолна тенденција и фактот дека зад нас е ограничување на движење кое траеше цели 85 часа и кое покрај превентивна здравствена улога, имаше негативно влијание на психосоцијалната состојба кај граѓаните“, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, на денешната седница на кризниот штаб во рамките на владата, предложил итно и неодложно намалување на времетраењето на ограничувањето на движењето за граѓаните, информираше тој на Фејсбук.

„Моето барање за намалување на ограничувањето на движењето се однесува на сите граѓани, како и за младите лица и за лицата над 67 години. Во таа насока денес предложив досегашното ограничување на движењето во работните денови наместо од 16 часот да започнува од 19 часот, како и да се размисли за соодветно олеснување кое ќе се применува за време на викендите.

Дополнително, ќе побарам и преиспитување на одлуките поврзани со ограничување на движењето во планините, парковите и шумите, а притоа водејќи сметка да се внимава на мерките и препораките кои се однесуваат на групирање на јавни површини.

Очекувам владата овие барања да ги прифати на првата седница“, напиша Чулев, додавајќи дека МВР во текот на денот ќе излезе со официјални ниформации и за сите сите настани кои ја брануваа јавноста во текот на викендот.

Дека на денешната седница се разговарало за намалување на времетраењето на полицискиот час претходно потврди и вицепремиерот Бујар Османи.

- Реклама -