Чудната граница на островот Маркет

Märket е мал карпест остров на површина од нешто над 3 хектари. Се наоѓа на спојот на заливот Ботинија и Балтичкото море, меѓу Шведска и Финска.

Со Договорот од Фредриксхам од 1809 година, Маркет е поделен меѓу две држави – Шведска и Руската Империја (која тогаш владеела со Финска). Не дека е којзнае колку значаен, туку кога авторите на договорот ги цртале границите, замислената линија случајно поминала баш преку Маркет.

Островот се наоѓа на средината од 11 километри широкиот и 27 километри долгиот проток Understen–Märket, и веројатно на времето служел како ориентациона точка при навигацијата. Оттаму и името – Märket е еквивалент на англиското „a mark“, што во буквален превод значи „знак“, „белег“, „ознака“.

За да го направат уште покорисен при навигацијата, Русите во 1885 година изградиле светилник. Арно ама, по грешка го изградиле на Шведската страна од островот.

Проблемот со границата бил решен дури во 1981 година, кога заеднички шведско-фински тим реши дека најдобриот начин е да се прецрта самата граница. Парчето шведска земја на која се наоѓа светилникот ѝ припаднало на Финска, а во замена Шведска добила исто толкаво парче од финската територија на островот.

Инаку, границата е означена со серија од 10 дупки избушени во карпата, како и обележани ознаки на самиот камен, бидејќи секоја друга надземна ознака би била збришана од бесните бури и брановите.

Навистина, морето и климата се толку сурови што дури и самата форма на островот постојано се менува. Затоа, на секои 25 години, Шведска и Финска прават заедничка анализа на островот, за да видат дали има промена во територијата и дали се потребни евентуални промени на границата.

Патем, Шведска и Финска имаат различни временски зони. Исто и двете половини на Маркет.

 

- Реклама -