Напредокот на технологијата во последените 20-тина години радикално ги промени нашите животи, но се чини дека најголемите промени допрва доаѓаат. Се разбира, зборуваме за вештачката интелигенција, виртуелната и проширена (аугментирана) реалност, автономните возила, летачките такси-ња и слично.
Сепак, колку и да сме денес зависни од нив и колку и паметните телефони и бројните можности кои ги нудат – да се интегрирани во нашето секојдневие, пред 20-тина години таквите уреди и ова што го имаме денес ни се чинеше како научна фантастика од некоја далечна иднина. Тогаш само што почнавме да користиме безжични и мобилни телефони (познати како „цигли“), сурфавме со dial-up „брзини“, комунициравме преку ICQ и слично. Да ни кажуваше некој тогаш за iPhone, Galaxy или некаков друг смартфон со сите денешни опции спакувани во едно кутивче, веројатно ќе мислевме дека нема да ги дочекаме.
Арно ама, Дејвид Геролд ќе одговорел поинаку. Тој е писател на научна фантастика, кој меѓу другото има работено и на сценарио за серијата Star Trek, а во 1999 година објавил колумна во која речиси сите негови предвидувања денес се остварени.
Геролд, на пример, пишувал како веќе за неколку години ќе имаме уреди помали од шпил карти, кои ќе имаат можности на мобилен телефон, организатори, пејџери, калкулатори, дигитални камери, дигитални снимачи на глас, музички плеери и телевизори во боја – во едно. Додал и дека ќе имаат безжична мрежа, можност за испраќање мејлови, и доволно процесорска моќ и меморија за да ги заменат и компјутерите, а и дека ќе можат да се поврзат со тастатура и екран и да се користат како класичен компјутер.
Геролд спомнува и можност за универзален преведувач и гласовни асистенти какви што во последно време се сé попопуларни – како Alexa и Siri.
Посебно интересно е што Геролд уште тогаш ја согледал врската, т.е. ефектот на сите овие уреди врз приватноста. Тој пишува дека целата таа поврзаност која ќе произлезе од таквиот напреден уред, ќе ја уништи и онаа мала приватност што е останата.
Да, уште еднаш да потврдиме, сé ова е напишано во колумна во 1999 година. Во меѓувреме, да се надеваме дека Геролд ќе напише уште една, па да прогнозира што нé чека во годиниве што следат.