Човекот што си ја изгуби регистерската табличка заради Трамп

Семејството на Лорне е гордо на своето презиме. Неколку членови си го имаат ставено на персонализираните регистерски таблички на своите автомобили. Меѓу нив е и Лорне Grabher – поранешен затворски чувар од Нова Шкотија во Канада. И затоа, Лорне е страшно лут што провинцијата му ја конфискуваше регистрацијата, и тоа само зашто некој се пожалил дека е „навредлива“.

Некаде во декември забележал дека некоја жена ја фотографира неговата GRABHER табличка. Не му придал многу значење на настанот, но во некој ден подоцна, му стигнало писмо потпишано од директорката на Агенцијата за безбедност на патиштата и Регистарот за моторни возила, во кое пишувало дека табличката му е поништена. Како причина било наведено дека „натписот може да биде интерпретиран како социјално неприфатлив слоган“, при што се алудира на скандалот на Доналд Трамп и неговата прочуена изјава „Grab her by the pus*y“, или во превод… знаете де.

Сега Грабер ја истура лутината на Фејсбук, инсистирајќи дека директорката на Road Safety едноставно ја злоупотребила позицијата: „Каде во Законот за моторни возила пишува дека моето име се смета за слоган!?“. И во право е човекот, ако веќе му ја конфискуваат табличката, би требало да му го конфискуваат и презимето, зар не?

Прочитајте и:  Белата куќа со критики за Илон Маск откако „праша“ зошто има обиди за атентат само врз Трамп

Да биде поиронично, Grabher и неговото семејство се со германско потекло, а табличките ги имаат 25 години и никогаш досега немале проблем. Како што рековме, и други од семејството имаат иста табличка, меѓу кои и син му Трој, кој живее во Алберта.

Во меѓувреме, претставник на Министерството за транспорт се јави на CBC со образложение дека до нив била поднесена жалба против табличката, во која било истакнато дека табличката е „мизогинистичка и промовира насилство врз жените“, алудирајќи, нели, на приватниот разговор на Доналд Трамп од 2005-та година, кој протече во јавноста пред изборите.

„Никогаш никој не ми наметнал навредливо значење врз презимето, пред овој серко да се пожали на Регистарот за моторни возила“, напиша Трејси Грабер на Фејсбук, на шега додавајќи дека „сé уште е во потрага по Hiscock. Tracey Grabher-Hiscock… Звучи добро, нели?“

Во меѓувреме, Лорне само си ја сака табличката назад. „Не сакам извинување, не сакам да зборувам со нив, само си ја сакам табличката“.

А замислете колку ќе беше досадно без денешнава фанатична политичка коректност…

 

- Реклама -