Човекот пораснат меѓу волци е разочаран од животот меѓу луѓето

Маркос Родригез Пантоха живеел со волци 12 години во планините во шпанска Кордоба. Тогаш, на возраст од 19 години, најден е од тамошната цивилна заштита, и вратен во цивилизација. Денес, на возраст од 72 години, Пантоха вели дека никогаш всушност не се прилагодил целосно на животот со луѓето.

Маркос е роден во Кордоба во 1946 година. Ја изгубил мајка му кога имал 3 години, а набрзо бил оставен и од татко му, кој заминал да живее со друга жена во соседен град.

Како дете бил одведен во планините за да го замени стариот пастир и да се грижи за 300 овци. Се сеќава како стариот го научил како да запали оган и да користи разни алатки, но… Во 1954 година, кога Маркос немал наполнето ни 8 години, пастирот умрел, а Маркос останал да живее сам.

Не е јасно како момчето завршило во планините меѓу дивите волци, но кога цивилната гарда го пронашла 12 години подоцна, Маркос веќе ги имал заменето зборовите со животински крици. Вратен е во цивилизација, никогаш не се прилагодил, а еднаш дури и пробал да им се врати на волците. Меѓутоа, вели, „веќе не бил ист“, и волците веќе не го гледале како нивни брат.

„Знаеш дека се таму, ги слушаш како завиваат, но не можеш да ги видиш. Ако ги повикам, тие ќе одговорат, но не ми приоѓаат. Мирисам на луѓе, ставам колонска вода“, раскажува Маркос за El Pais.

Не само што не е прилагоден (на живот со луѓето), туку Маркос вели дека последните среќни сеќавања од животот му се дури од времето меѓу волците – од женките кои за првпат му ја покажале мајчинската љубов, па до нивните малечки кои го прифатиле како брат. Волците го учеле како да преживее во дивината, му покажувале бобинки и габи кои се безбедни за јадење, но и оние кои се отровни. Се сеќава дека спиел во пештери, меѓу лилјаци, змии и елени, а се сеќава и на трчање со боси стапала по недопрени, а и непристапни терени.

„Ги замотував нозете само кога ми се заледуваа поради снег. На стапалата имав толку големи ‘жуљеви’ што удирањето во камен беше како шутирање топка“.

Кога пред 53 години бил најден од цивилната заштита, среќните времиња завршиле, а животот му се распаднал. Од денешен аспект Маркос се чувствува измамено и злоставено, искористено од шефовите во угостителството и градежништвото, а и исмеван од неговите врсници, бидејќи слабо познава некои основни човечки нешта – како фудбал и политика.

Сега живее во село во Галиција. Минатата година зимата му паднала посебно тешко, бидејќи поради малата пензија не можел да набави греење. За среќа, членовите на еколошкото друштво „Amig@s das Arbores“ собрале пари за да му постават изолација и да му купат печка за следната зима.

И покрај општото разочарување од животот меѓу луѓето, Маркос е среќен што барем некои од неговите соседи го прифаќаат како „еден од нив“. Исто така, милува да разговара со децата за својата љубов кон животните и важноста на (заштитата на) природната околина. Од организацијата Amig@s das Arbores често го канат да гостува со нив во училиштата, а таму Маркос се чувствува и најудобно – меѓу децата.

„Неверојатно е како го привлекува детскиот интерес со своите искуства од животот“, вели Хозе Сантос, член на организацијата.

Маркос, патем, е еден од ретките случаи на луѓе одгледани од животни, далеку од цивилизацијата. Тој е/бил предмет на разни антрополошки студии, книги и документарни филмови.

- Реклама -