Некои луѓе едноставно немаат дарба и тоа нема да се смени што и да направат. Youtube-ерот WayOutWest, меѓу блиските познат како Тим, е баш од тие. Сакал да научи гитара, ама од сето тоа добил само фрустрации. Рацете мораат да се виткаат во непријатни позиции, прстите болат и сфаќаш дека имаш координација на штотуку родена срна. Со други зборови, тапа е кога не те бива.
Ама Тим верува дека музиката е неразделен дел од човекот и дека секој, без разлика на (не)талентот, има право да ужива во неа. Затоа изградил по малку апсурдна и смешна, ама суперефикасна направа што го сведува свирењето на гитара на едноставно притискање на копчиња. Секое копче е посебен акорд, а Chordelia има пет – што значи 90% од поп музиката. Не е евтина – 260 долари, но кога човек ќе прерачуна колку ќе потроши на часови за пак да сфати дека не го бива, испаѓа и дека се исплати. Во блиска иднина, Тим најавува и модел со 7 акорди.