Чорапите на Џастин Трудо

Канадскиот премиер знае како да се издвои од толпата. Не само што од реакциите на луѓето се гледа дека има одлична харизма, туку и по изборот на чорапи.

На самитот на НАТО во мај, меѓу морето од еднобојни и досадни чорапи на присутните, Трудо го направи баш спротивното. И не помина незабележано. Дури и Меркел побара да му ги ѕирне. А чорапите на Трудо беа тематски, таман за средбата – со боите на Канада и амблемот на НАТО.

Неколку недели претходно, нозете исто така му се најдоа во вестите, кога на средбата со тогашниот ирски премиер Енда Кени, Трудо носеше чорапи со тема „Војна на ѕвездите“. Навидум сосема неповрзани со настанот, но сепак, тоа беше добро обмислено; средбата се одржа на 4-ти мај – датумот познат како #MayTheFourthBeWithYou или „Ден на Војна на ѕвездите“ (кој на шега е избран да биде 4-ти мај, токму бидејќи звучи слично со најпопуларната фраза од франшизата).

Дури и на Парадата на гордоста во Торонто, Трудо носеше чорапи со порака „Eid Mubarak“, со тоа изразувајќи почит кон муслиманскиот празник Рамазан, но веројатно и испраќајќи критика до доминантно муслиманските земји, каде ЛГБТ заедницата е сериозно обесправена.

Но „чорапските“ игри на Трудо не завршуваат тука. И кога нема некаков посебен повод, си носи кул чорапи. Како овие, со симболот на Канада.

А овие со костурскиве глави ги носеше на сесијата „прашања и одговори“ по неговиот говор во Американската трговска комора во Вашингтон, уште во март 2016-та. Толкувајте ги сами, нас ни е страв да не забегаме.

Па ете од каде толку харизма кај Џастин Трудо. Делумно доаѓа од чорапите. А воглавно доаѓа од тоа што не е класичниот досаден политичар што сите го знаеме.

- Реклама -