Чоколадна торта со банани

Понеделнички ви подготвивме еден фантастичен рецепт за чоколадна торта со банани.

Потребни состојки:

За кора:

8 белки

250 г. шеќер

50 г. чоколадо

50 г. маргарин или маслац

120 г. брашно

За фил:

10 банани

8 жолчки

500 мл. млеко

100 г. брашно

2 лажици ванилин шеќер

250 г. шеќер

250 г. маргарин или маслац

100 г. чоколадо за готвење

Потребно е уште:

малку млеко за полевање на кората

малку рендано чоколадо за украсување.

Подготовка:

За почеток преполовете ги потребните состојки за кора. Во сад за мешање ставете 4 белки и изматете ги во цврст снег. Потоа постепено додавајте 125 г. шеќер матејќи го сето време.

Посебно стопете 25 г. чоколадо и 25 г. маргарин, а потоа додадете ги во снегот од белки.

На крајот измешајте 60 г. брашно и сето тоа убаво да се соедини.

Помала тепсија обложете ја со хартија за печење, сипете ја смесата и печете во загрена рерна на 200 степени. Проверете со чечкалица дали е кората печена.

Постапката повторете ја со останатиот материјал и направете уште една кора.

Жолчките, шеќерот, ванилиниот шеќер и брашното изматете ги во малку млеко, а остатокот од млекото сварете го. Во топлото млеко измешајте ја подготвената смеса и продолжете со варење, мешајќи сето време, додека смесата не се згусне.

Густата смеса тргнете ја од рингла, додадете 100 г. чоколадо искршено на коцки и чекајте да се стопи, а потоа добро промешајте и оставете да се олади. Во оладената смеса додадете мек маргарин и матете додека убаво се соедини.

Филот поделете го на два дела, а оставете малку и за украсување.

Првата кора малку натопете ја во млеко, ставете на послужавник и намачкајте го филмот. Врз него наредете банани по должина исечени на половина. Врз бананите ставете ја втората половина од филот и ставете ја втората кора натопена во млеко. Премачкајте со остатокот од фил и украсете со рендано чоколадо.

- Реклама -