Членови на ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од Мицкоски, партијата ги нарече „Мериот коалиција“

Иницијативниот одбор за промени од ВМРО-ДПМНЕ, денеска, на прес-конференција пред седиштето на партијата, побара оставка од лидерот Христијан Мицкоски и да свикување на вонреден конгрес за избор на нов претседател. Тие сметаат дека вината за изборните порази под негово водство, вклучително и тоа што и по овие избори ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира влада, не може да се бара ниту кај поддржувачите на СДСМ и Заев, ниту кај граѓаните кои не гласале, туку ја сноси токму раководството на партијата, кое, како што велат, не ги искористило капацитетите на партијата и наместо обединување иницирало поделби.

„За формирање на оваа власт сега, виновен е оној што можеше, требаше да понуди сериозни препознатливи политики кои ќе ги сплотат и привлечат сите граѓани. Виновен е тој што не ги искористи капацитетите на партијата и форсираше поделби. Виновен е тој што не успеа да изгради и да заеземе став за сите. Кога еден тим губи, не може да биде виновна публиката или играчите, или домарот. Виновен е нивниот водач. Во овој случај за поразот на ВМРО-ДПМНЕ виновен е Мицкоски“, порача Иницијативниот одбор за промени.

На Македонија ѝ треба силно ВМРО-ДПМНЕ, а на ВМРО-ДПМНЕ му треба ново и сериозно раководство, додадоа тие, и побараа Мицкоски да го исполни ветувањето дека при пораз на изборите ќе даде оставка. Барањето за негова оставка, потенцираа, не претставува напад на ВМРО-ДПМНЕ, туку одбрана на ВМРО-ДПМНЕ.

На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, преку партиско соопштение.

Прочитајте и:  Мишел: Северна Македонија има реална можност да се приклучи на европското семејство

„Една помала група на поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои наместо да се фокусираат на борбата против Зоран Заев, одбраа да служат на неговите интереси и денес кога уште не е изгласана новата Влада на Заев, со стари и компромитирани транзициски кадри побараа нов конгрес и дадоа изјава пред седиштето на партијата.

Во насока на транспарентноста тие веднаш беа поканети на средба со Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и раководството, при што тие за жал не изразија подготвеност за отворена и конструктивна средба бидејќи немале таква насока“, велат од партијата.

„ВМРО-ДПМНЕ за разлика од СДСМ е организирана и демократска партија, при што истите ги повикуваме нивната иницијатива да ја достават до партијата и таа ќе биде разгледана од Централниот Комитет на партијата.
За ВМРО-ДПМНЕ наместо интригантските игри на ‘Мериот’ коалицијата која им служи на интересите на Заев, поважна е борбата против катастрофалното управување на државата.
Тоа е главниот приоритет за партијата и ВМРО-ДПМНЕ и во иднина нема да се занимаваме со нивната намена да ја ослабат партијата и да помогнат на партијата на власт“, стои во соопштението.

Одговарајќи на новинарско прашање за евентуалните врски што членовите од Иницијативниот одбор ги имаат со Сашо Мијалков, нивната претставничка истакна дека тие се сопартијци и дека се сретнуваат со Мијалков и случајно, но и по потреба. Таа додаде дека не смее да се стигматизира никој кој направил и вложил многу во партијата.

- Реклама -