Чипката некогаш била присутна само во балските дворови, на венчавките и други свечени прилики на високото друштво, но подоцна доживува цут и во секојдневниот живот. Тогаш започнува да станува симбол за елеганција, мода, префинетост и нежност.
Историчарите тврдат дека со чипката уште одамна се гордеел народот од стариот Египет. Сведоштвата за тоа време се чуваат во египетските пирамиди. Долго чуваната тајна за правење на чипката била пренесена од Египет во Грција и Рим, како голема скапоценост.
Почетокот на чипкарството традиционално е сместено во 15 век во Италија, во добата на ренесансата. Ренесансната чипка била детал на облеката, а се задржувала на строго геометриски облици, додека во барокот чипката се карактеризира со сосема слободен облик.
Мотивите на чипката се менуваат во зависност од модата во тоа време. Во 17 век во Италија и Шпанија, чипката била тешка, со воздржани ивици и строго нагласени делови, додека во Франција била лесна, мрежасто и рачно исплетена. Била симбол за отменост кој се задржува и денес.
Со своите нежни мотиви, таа на облеката и дава некоја топлина. Не постојат без причина тврдењата дека чипката е кралица на сите ткаенини.
Со неа треба внимателно, тука важи правилото колку помалку, толку повеќе.
Фустаните од чипка изгледаат префинето и гламурозно, но и останатите чипкани парчиња можат совршено да се вклопат во секојдневниот стајлинг.