Ова се штетните ефекти од истечениот метил акрилат мономер во ОХИС

Вчера во фабриката ОХИС дошло до излевање на метил акрилат мономер, хемиска супстанца која се употребува во хемиската индустрија. Токсикологот Андон Чибишев, поранешен ратеник и директор на Клиниката за токсикологија објаснува какви штетни последици по здравјето предизвикува оваа супстанца.

-Станува збор за отровна супстанца која при директен допир со кожата предизвикува тешки оштетувања и повреди. Доколку сте изложени на пареа од метил акрилат, доаѓа до иритација на очната слузокожа, чешање и солзење на очите. При поголеми концентрации може да доведе и до оштетување на сетилото за вид. Исто така, ако сте изложени на оваа токсична супстанца, може да предизвика полесни или потешки оштетувања на респираторниот систем, печење на грло и гради, кашлица, тешко дишење, но и оток на белите дробови.При работа со метил акрилат мора да се носат заштитни средства, а при хаварија се врши евакуација на населението во радиус од 50 метри. При потешка хаварија се врши евакуација во радиус од 800 до 1.000 метри и се преземаат мерки за деконтаминација.Се уште не е познато за колкава количина на ослободен метил акрилат станува збор и колкава е неговата концентрација во воздухот – објаснува Чибишев.

- Реклама -