Четири години јадела од контејнери за да заштеди за стан

За многу млади луѓе од денешницата, сонот да имаат сопствен стан е само далечен недостижен мит. Пазарот со недвижнини сé посурово им ги затвора вратите на миленијалците, а сите показатели укажуваат дека тие се првиот бран од генерацијата наречена „рентери“ (наематели, ако сакате литературно).

Колку и да изгледа невозможно да се заштети, една жена од Австралија најде цака што ѝ успеа – да јаде од контејнери.

Се вика Мел Хампфрис, има 34 години и работи како медицинска сестра во Сиднеј. Очајно сакала да уплати учество за свој сопствен стан, ама не можела да си дозволи. На крајот решила дека мора да смали на трошоци, а по кратка пресметка го утврдила најголемиот – храната. Оттогаш Мел почнува да пребарува храна во контејнерите пред супермаркетите, пекарите и магацините на прехранбени снабдувачи (значи не се обични контејнери), по неколку пати неделно.

Хранењето од контејнери – кога е по избор, а не од што мораш – си има свој израз: dumpster diving (во буквален превод: нуркање во контејнери). Се јавува како директен резултат на расипништвото на развиените општества, каде статистиките велат дека се фрла околу 40% од храната.

„Прв пат слушнав за дампстер дајвинг пред 4 години, и набрзо почнав да се загледувам во кантите зад продавниците за да видам што има таму. Кога почнав така да се хранам, не ми се веруваше дека можам да ја добијам целата таа храна од канта, беше одлично!“, раскажува Мел.

„Колку повеќе места наоѓав, толку поголем беше ‘уловот’ и таквиот начин на живот стануваше стабилен лајфстајл. Сега, би рекла, околу 75% од тоа што го јадам доаѓа од канта. Никогаш не морам да пазарам и не инсистирам да купувам нешта, бидејќи знам дека ако почекам доволно, ќе ги најдам истите некаде во канта“.

Вели дека порано трошела околу 158 долари неделно на храна. Откако го има новото „хоби“, мора да купува само суштински продукти, што ја кошта 31 долар неделно. Во тоа мени вклучени се разни пекарски производи, месо, зеленчук, газирани пијалоци и сл.

Прочитајте и:  Храна која може да доведе до затнување на артериите

Во четирите години колку што буричка по канти, Мел заштедила над 20.000 долари, кои сега се дадени како учество за стан со две спални во Сиднеј. Во станот, патем, има полн фрижидер.

„Фрижидерот ми е апсолутно полн со месо, па сега носам и кај мајка ми. Кога ги гледам овие прекрасни парчиња месо и риба сé уште замрзнати а фрлени во канта – ми се темни. Виткаат здрава (читај: употреблива) храна во пластика и ја фрлаат во ѓубре…“, ниша Мел со главата.

Мел секако има добра поента околу огромните количини храна што беспотребно се фрлаат во развиениот свет. Има право и дека во одредена смисла, тоа што го прави е корисно за животната околина. За жал, особено на тие што најмногу им треба, во многу земји е забрането да се буричка по контејнерите на продавниците/рестораните – фрлената храна сé уште се смета за нивна сопственост.

Но без гајле, има други начини, ќе ви речат хуманитарците, како што е Алисон Волш од FareShare од Велика Британија, каде исто така е забрането да им го чепкаш драгоценото ѓубре на продавниците. Еден таков начин се апликациите преку кои можеш да исконтактираш со луѓе што имаат храна за фрлање, но порадо би ја споделиле како оброк. Твое е да одиш да ја земеш. Другиот начин се исто така апликации, ама и огранизации кои контактираат со ресторани кои ја фрлаат неизедената храна, а вас ви продаваат пакети од истата по извесна наводно ниска цена. Од аспект на хигиената звучи логично, ама пак некако како нешто да смрди во целава работа.

Како и да е, ете ти, младино. Немаш потреба за грижа. Ем ќе имаме сите станови, ем ќе кркаме сендвичи, ем ќе спасуваме животна средина. Никогаш не било вака добро…

- Реклама -