ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ ПОСТОЕЊЕ НА ОПШТИНА КАРПОШ

ok2

Вчеравечер, во хотелот „Александар Палас“, Општина Карпош го прослави својот 40-ти роденден.  На свечената академија, организирана по повод одбележување на четиридеценискиот   јубилеј,  присуствуваа многубројни гости од новинарската, бизнис фелата, како и  од другите сфери на општественото живеење. Дел од вчерашната церемонија беа и  делегациите од збратимените општини на локалната самоуправа, кои доаѓаат од соседните балкански држави. Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски,  во својот пригоден говор, ретроспективно се наврати на почетоците од формирањето на Општината во далечната 1976 година. Јакимовски им се заблагодари на сите претходни градоначалници, советници, како и вработени во администрацијата на Карпош и потсети дека секој  од нив лично придонел за сегашниот статус на локалната самоуправа, да го носи приматот на една од најурбаните Општини во Република Македонија.

  • Постојано вложуваме во инфраструктурата во Карпош, во изградба на нови паркови и плоштади, засадување на дрвја, реконструкција на училишта и градинки, и реконструкција на фасади. Во моментов ги реконструираме покривите на индивидуалните и колективните станбени објекти и ги заменуваме старите и дотраени лифтови во зградите. Започна изградбата на градинка во населеното место Бардовци, предвидено е во иднина и изградба на училиште – истакна Јакимовски.

ok1

Во своето обраќање, првиот човек на Општината потсети дека Карпош живее со динамично темпо.

  • Освен во инфраструктурни  зафати, вложуваме и во граѓаните. Со посебен ентузијазам инвестираме во најмладите карпошани преку училишните спортски лиги, развивајќи го спортот на повисоко ниво во Општината. Не ги забораваме  пензионерите, и им помагаме на социјално загрозените семејства кои живеат на наша територијата. Нашата цел е постојано да се надградуваме и да работиме во интерес на нашите сограѓани – истакна општинскиот татко, Стевчо Јакимовски.

Градоначалникот Јакимовски упати  голема благодарност до раководителката на Одделението за стручно- административни и архивски работи, Оливера Груевска и до самостојниот референт Дафинка Бандилова. Овие административци се вработени во Општината од самото нејзино основање и  во овие 40 години го дале личниот придонес во служба на граѓаните на Општина Карпош. Првиот човек на Општината, исто така изрази голема благодарснот и  до поранешниот претседател на Советот на Општина Карпош, Трифун Трифуновски, за  огромниот придонес во развојот на Општина Карпош. Оваа година, со признанија за заслужни граѓани на Општина Карпош се стекнаа спортскиот новинар и стенограф  Ивко Панговски и диригентот Фимчо Муратовски.

- Реклама -