Честитка од Заев до Германија за Денот на обединувањето: „РСМ ги споделува вредностите за самоопределување со вас“

Премиерот Зоран Заев попладнево, преку својот Фесјбук профил, упати честитки до СР Германија по повод националниот празник 3 октомври – Ден на германското единство и повторно обединување.

Како што наведува Заев, обединувањето на Германија во 1990 година и падот на Берлинскиот ѕид една година претходно, се симболи за храброста и надежта на слободата и демократијата.

На овој ден СР Германија ги оствари наприкосновеното право и одлука на германскиот народ повторно да ја обедини сопствената поделена држава. Овој чин испрати силна порака за моќта на заедништвото и меѓу земјите-членки на ЕУ, истакна тој.

„Во мое име и во име на Владата и народот на Република Северна Македонија, испраќам најсрдечни честитки до народот на СР Германија по повод денешниот национален празник – 3 октомври, Ден на германското единство и повторно обединување. Падот на Берлинскиот ѕид е историски исчекор со кој во Европа преовладаа вредностите за самоопределување на народите за својата самостојност со политички средства низ демократските институции и за владеење на правото и почитта кон индивидуалните слободи и права“, истакнува премиерот Заев.

Прочитајте и:  Во Германија уапсен тинејџер со турско потекло, планирал терористички напад на локалниот божиќен саем

Според него, Република Северна Македонија ги споделува овие вредности со СР Германија.

„Како наш сојузник во НАТО и поддржувач на нашите аспирации за членство во ЕУ, тие се значаен партнер за остварување на нашите стратешки цели и за заедничка иднина во НАТО и ЕУ. На целиот германски народ уште еднаш им го честитам празникот 3 Октомври, Денот на единството и повторното обединување на Германија, со желби за напредок и да остане и понатаму влијателен промотор на слободите и демократските вредности“, пишува Заев.

- Реклама -