„Честити царе, фараоне, велик везиру… Ова што вие го правите со двојазични материјали кои ни ги доставувате, е противуставно и противделовнички. Ние овие материјали ќе ви ги враќаме и барам во иднина да ми доставуваат материјали исклучиво на македонски јазик“, му се обрати денеска претседателот и пратеник на Левица – Димитар Апасиев, на претседателот на Собранието – Талат Џафери. По ваквото саркастично обраќање, Апасиев го искина делот на албански од материјалот и му го стави пред нос на Џафери.
Пратениците на Левица се гневни што Законот за државјанство доби европско знаменце за да ги избегне блокадите. Според нив, тоа е ништо друго освен шверцување на законот.
„Како е можно еден Закон до вчера да не носи Европско знамеце, а сега одеднаш да стане со Европско знаменце, сега одеднаш да мора да се усогласуваат со некои си европски регулативи? Значи такво нешто е невозможно. Тоа е потсмевање со целата јавност практично, а посебно со стручната јавност“, изјави денеска пратеникот Борислав Крмов на прес-конференција токму на тема предложениот закон за државјанства.
Како што истакна Крмов, апсурдно е закон што ја крши Европската конвенција за државјанства да биде туркан со европско знаменце. Тој најави кривични пријави за сите потписници.
„Значи најголемиот проблем е тоа што Законот ја крши Европската конвенција за државјанства, којашто ние како држава ја имаме ратификувано. И ние имавме не знам колку гостувања, не знам колку пати зборувавме, покажавме и докажавме зошто ваков системски Закон не се носи во ниедна држава зад затворени врати, туку мора со јавна расправа, посебно во ваква држава каде што се етничките заедници толку поларизирани.
На ваков начин шверцување на овај закон претставува кривично дело, и тоа кривично дело за сите потписници во целата фаза на законот како што ќе оди во процедура; почнувајќи од Министерството за надворешни работи – таму ќе биде потписот на министерот Оливер Спасовски, понатаму потписот на премиерот Заев како предлагач од Владата, претседателот Џафери – кој што треба да го пушти во процедура, а на крај дури и претседателот Пендаровски – кој што треба да го потпише. Сите тие подлежат на кривична одговорност и треба да внимаваат што прават“, порача пратеникот на Левица.
Од партијата најавија и блокада со амандмани на сите закони кои ќе ги предлага власта, а притоа ги повикаа и останатите опозициски партии да го направат истото.
„Оваа Влада очигледно само јазикот на силата го разбира“, рече Крмов.
Тој соопшти и дека деновиве тие работат на Специјален закон, односно на дополнување на Кривичниот законик, со кој злоупотребата на Европското знаменце ќе стане кривично дело казниво со до 5 години затвор.