Чешкиот државен врв ќе го убедува Трамп дека е можно да се постигне мир во Украина со употреба на сила

И по промената во Белата куќа, Чешка ќе бара во Европската унија односите со САД да бидат што поинтензивни и подобри и ќе се обиде да го убеди новиот американски претседател Доналд Трамп дека е можно да се постигне мир во Украина преку употреба на сила, се договорил денеска државниот врв на земјата на редовна координација кај претседателот Петр Павел.

-Чешка од самиот почеток и помага на Украина на многу нивоа. Нашата иницијатива за обезбедување на Украина со доволно муниција ќе продолжи. Подготвени сме и за разговори за мирно решение за Украина. Сигнали има, но засега нема ни трага од волјата на руската страна да влезе во преговори. Треба да ја почекаме инаугурацијата на Трамп и да го видиме предлогот, рече претседателот Павел на прес-конференцијата.

Премиерот Петр Фијала оцени дека 15-тиот пакет санкции што ЕУ го воведе кон Русија е важен сигнал дека, и покрај се, може да се најде договор во ЕУ и да се испрати силен сигнал до Русија дека Европа не се помирува со руската агресија врз Украина.

Прочитајте и:  Шмихал и Хабек разговарале за дополнително оданочување на стоките од Русија

Шефот на чешката дипломатија Јан Липавски изјави дека чешката дипломатија се подготвила за двете варијанти, без разлика дали во Белата куќа ќе влезе републиканец или демократ и дека ќе се обиде да ја убеди администрацијата на Трамп дека е можно да се постигне мир во Украина со сила.

Чешкиот премиер Петр Фијала, како и претседателот Павел, предупреди дека ниту Европа не може без САД, ниту САД без Европа, и дека трансатлантскиот сојуз не е неопходен само за решавање на предизвиците со кои се соочува Западот, туку и за економската соработка.

-Без разлика на тоа кој победи во САД, одамна е јасно дека Европа мора да преземе одговорност за сопствената безбедност и да биде посилна. Ако Европа сака да ги реализира своите интереси, мора да биде економски силна, конкурентна, да привлекува инвестиции и да не ги напушта компаниите. Мора да најдеме храброст да ги промениме веќе договорените политики и да го ревидираме Зелениот договор, рече премиерот Фијала.

- Реклама -