За разлика од западниот, а сега и глобален тренд на „пусификација“ – како што го нарече Џорџ Карлин, во Кина како да се случува спротивното.
Имено, една школа во источнокинеската покраина Џангсу воведе специјални „часови за мажи“. На овие предавања, момчињата ќе учата да бидат „помалку емотивни, а помажествени“. Очекувано, таквиот чекор веднаш доби свои интернет критичари.
Иако не толку изразен, се чини дека ова не е само локален тренд во Џангсу. Неодамна, во октомври, во Шангај во Кина беше издадена книга со слични идеи и совети.
Родителите на децата од училиштето пак, сметаат дека ваквите часови им се потребни на момчињата, и го бранат нивното воведување.
Воведувањето на часовите доаѓа откако наставниците изразиле загриженост околу тоа што децата не можеле да се носат со воената обука во август. Под „изразиле загриженост“ мислиме на тоа што наставниците тврдат дека машките деца стануваат феминизирани. „Се сеќавам на едно момче кое е во добра физичка кондиција, но на сите можни начини пробуваше да го избегне задолжителниот воен тренинг“, вели Танг Чао – заменик директор на школата.
На „часовите по мажевност“ пак, момчињата главно ќе имаат физичка обука, но „ќе учат и да бидат џентлмени“.
Од друга страна, во Кина има напори и да се избегне „помашкосувањето“ (терминов сега го сковавме) на девојчињата. Во 2007-ма, на пример, беа воведени слични часови, на кои девојчињата учеа убави манири, свирење на инструменти и фино однесување.