Цените на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности ќе се намалат до 75 проценти

До Управниот одбор доставив предлог за намалување на надоместоците за поголемиот дел од услугите кои ги нуди Агенцијата за катастар на недвижности. По завршувањето на потребната законска постапка, граѓаните наскоро ќе можат да ги добијат услугите на Агенцијата по пониски цени, намалени и до 75 проценти. Предлогот доаѓа како одговор на бурните реакции во јавноста по зголемувањето на цените во февруари 2024 година, од страна на претходното раководство на агенцијата, изјави денеска директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски.

Тој денеска оствари средба со премиерот Христијан Мицкоски на која разговарале за тековните активности на агенцијата и идните проекти, насочени кон обезбедување на поквалитетни услуги за граѓаните и професионалните корисници.

По завршување на средбата, Живковски се осврна на новините поврзани со предлогот за намалување на цените, при што објасни дека според актуелниот тарифник, за упис на недвижности се наплаќа надоместок по имотен лист во износ од 1.250 денари, а не по правен основ.

-На пример, доколку склучите договор за купопродажба на стан, треба да извршите упис во катастарот на 4 имотни листови – за станот, земјиштето под зградата, заедничките простории и паркинг местото. Во моментот, за оваа пријава се плаќаат 5.000 денари, но со измените во тарифникот, граѓаните ќе треба да платат само 1.250 денари по правен основ, што претставува намалување од 75 проценти на овој надоместок, истакна Живковски.

Тој нагласи дека Агенцијата за катастар на недвижности игра клучна улога во регулацијата и развојот на гео-просторната инфраструктура, урбанистичкото планирање и пазарот на недвижности. Посочи дека предложените намалувања на цените се само вовед во најголемата реформа и модернизација на катастарот на недвижностите во државата.

Како што информираше, намалување ќе има и за оставинските постапки и договорите за дар каде наплатата ќе биде 1250 денари по правен основ за една катастарска општина, без оглед на бројот на имотните листови во катастарската општина, а не како до сега 1250 денари по имотен лист.

Во согласност со процедурите за измена на тарифникот, по добивање согласност од Управниот одбор, Владата на Република Македонија исто така треба да даде своја согласност. Живковски напомена оти се очекува сите потребни процедури да бидат завршени во најкраток можен рок, овозможувајќи граѓаните и правните субјекти да добиваат услуги по значително пониски цени.

Прочитајте и:  Мицкоски: Од црвените линии не мрдаме ни милиметар, ако ЕУ сака да е заложник на Бугарија нека не остават да си ги решиме домашните проблеми

На средбата Мицкоски и Живковски потенцирале дека ова е само почеток на дигиталната трансформација на Македонија, со планирани проекти кои ќе водат кон подобрување на услугите, модернизација и дигитализација на катастарот. Следуваат денови на реформски процеси и унапредување на сите јавни сервиси поврзани со катастарот на недвижности.

Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со директорот изјави дека разговарале за сите реформи, сите овие поевтинувања коишто се прават и коишто се важни за граѓаните. Според Мицкоски, катастарот полека но сигурно се ослободува од криминалот.

-Првата работа е дека услугите за четири, пет, шест па и повеќе пати поевтинуваат за граѓаните. До милион евра годишно ќе остануваат во паричниците на граѓаните, тоа е многу важно да се напомене дека услугите за четири, пет, шест па и повеќе пати за граѓаните ќе поевтинат. Втората работа којашто исто така е многу важна, дека катастарот полека но сигурно се ослободува од криминалот. Забележавте дека илјадници предмети биле не решени, додаде Мицкоски.

Тој напомена дека сите нерешени предмети ќе бидат решени, а појасни дека илјадници предмети во овие два месеца веќе добиваат разрешница, согласно важечките прописи, закони и Устав.

-Така што овие две работи се многу важни, дека четири, пет, шест па и повеќе се намалуваат услугите за граѓаните и она коешто е важно е дека катастарот полека, но сигурно се ослободува од криминалот, како што впрочем и се ослободуваат сите институции со доаѓањето на новата Влада, главен приоритет е борбата против криминалот и корупцијата којашто е на ниво на безбедносна закана. Се додека имаме високо ниво или перцепција за криминал и корупција ние не можеме да се развиваме како држава, рече Мицкоски.

- Реклама -