За петнаесетте косини (свлечишта) кои се вдолж првата и втората секција од автопатот ќе се прават геоистраги, а потоа и проекти за нивно санирање, по што би можело да се зборува за рок за нивно пуштање во употреба
Целта ни е три од петте секции од автопатот Кичево – Охрид да ги пуштиме до почетокот на туристичката сезона, некаде до мај-јуни 2025 г., додека за првите две делници ќе треба да се добие извештајот за бушотините и врз основа на тоа ќе се прават проекти за стабилизација и санација, па потоа ќе може да кажеме рокови, вели директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, за пуштањето во употреба на автопатот кој се гради веќе десет години.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Трајановски рече дека вдолж првата и втората секција има огромни косини кои се оставени на забот на времето. Кога правиш косина, треба веднаш и да ја заштитиш, а има дел мрежи кои се оставени на забот на времето и во овие пет-шест години од временските услови тие се многу еродирани, вели директорот одговарајќи на прашањето како се одвиваат градежните работи на автопатот Кичево – Охрид.
Тој вели дека сега се во фаза на договарање со кинескиот изведувач „Синохидро“ за правење геоистраги на 6,5 километри и дека откако ќе се направат тие геоистраги, се прави извештај и врз основа на тој извештај се прави проектирање на стабилизација на тие косини.
„Косините се свлечишта, на дел е свлечено земјиштето оти немало добри геоистраги и оставени се на забот на времето и практично еднаш се преправани“,
рече Трајановски.
Директорот на ЈПДП вели дека има вкупно 15 свлечишта од кои 13 се покритични и се наоѓаат на првите две секции. На третата делница од Врбјани до Арбиново левата лента од автопатот (во насока од Кичево кон Охрид) е целосно асфалтирана и останува да се стават огради, дилатации на мостови и банкини, додека од 1 декември годинава ќе започнат со асфалтирање на десната лента.
„Во Ботун ќе остане еден дел кој е попроблематичен оти патот оди на десната страна на реката и има огромни косини, огромни делови од планината кои треба да бидат отстранети за да се направи овој дел, тоа го прави ‘Синохидро’. И доаѓаме до четвртата делница која е од Климештани до Требеништа – таа делница активно се работи, основниот слој во 90% е нанесен, останатото е завршно. Останува клучката Требеништа како да се реши оти после неа оди четвртата делница со ’Бехтел и Енка’ до Струга, а потоа до албанската граница. Останува петтата делница од Требеништа до Охрид, за неколку дена ќе почне асфалтирање на левата страна од таа делница“,
кажа Трајановски.
Според него, сè уште е рано да се разговара за пуштање на првите две секции оти се очекува извештајот за бушотините, додека третата, четвртата и петтата делница би требало да се пуштат во употреба до почетокот на туристичката сезона следната година, односно во периодот околу мај или јуни 2025 г.
„Ако не успееме двете страни да ги асфалтираме, тогаш би го направиле асфалтот по левата страна да се вози кон Охрид и Скопје и да нема прекини, а од десната страна да се работи интензивно и при крај на следната година да бидат завршени овие три“,
заклучи директорот на ЈПДП.