Случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, каде што е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство против сторителот за кривично дело – неовластена изработка, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Царинските службеници и инспекторите од Службата за мобилни скенери успешно спречиле низа обиди за шверц на граничниот премин Табановце. Во текот на акциите, запленета е значителна количина облека, долна облека, патики, автоделови, материјали за текстилната индустрија, како и клима уреди.
Мобилните царински тимови спречиле обиди за нелегален износ на девизи и стока со заштитени трговски марки. Запленети се 10.000 евра, 325 детски комплети, ѕидни часовници, 6 огледала и 16 маси.
На граничниот премин Табановце, при претрес на македонски државјанин кој патувал со автобус, откриени се 12.000 евра. Лицето се обидело нелегално да ги изнесе девизите, по што му се вратени две илјади евра, додека преостанатите 10.000 евра се привремено задржани согласно законските прописи.
„Запленетите 325 детски комплети, со ознаки на заштитени трговски марки, се откриени при контрола на товарно возило кое било натоварено со стока од Турција, наменета за фирма од Косово, пријавена за излез од државата на граничниот премин Блаце. При контрола на камион со контејнер, натоварен со стока од Кина на влез во државата на граничниот премин Богородица, откриени се 25 ѕидни часовници, 6 огледала и 16 маси со ознаки на заштитени трговски марки. Производите се запленети поради сомневање за повреда на правата од интелектуална сопственост“, информираа од Царинската управа.
Царинските службеници на граничниот премин Богородица заплениле и 36 штеки цигари, откриени при контрола на автобус кој сообраќал на релација Истанбул – Скопје. Стоката била скриена во фабричка празнина под подот, пред задните седишта на автобусот со турски регистарски ознаки, управуван од државјанин на Турција.




