Откако во средината на септември изврши инспекција на двојазичните табли на институциите и привлече низа негативни реакции во јавноста, а доби и прекршочна пријава од МВР, вицепремиерот Бујар Османи викендов замина во нова инспекција.
Овојпат, Османи замина во контрола на европските пари од ИПА-фондовите, или поконкретно, отиде во Струга, Ќафасан, за да провери до каде е проектот со изградба на царински терминал на граничниот премин меѓу Македонија и Албанија. Притоа Османи телефонски искомуницира со заменик-директорот на Царинската управа – Ирфан Бучи, како и со министерот за економија – Крешник Бектеши.
Во оваа, втора инспекција за помалку од еден месец, Османи беше посебно внимателен да ги избегне сите поголеми грешки од првата. За почеток, целото видео е „двојазично“, односно со титлуван превод. Османи беше екстра внимателен и околу своето возење, па не само што побара безбедно место за да застане за да му се јави на Бучи, туку и буквално излезе од автомобилот додека зборуваше на телефон. Момент претходно, Османи искоментира:
„Мислам дека треба да застанеме на страна оти гледаме дека сообраќајната полиција е доста сензитивна и министерот за внатрешни работи е строг во однос на непочитувањето на сообраќајните правила. Мислам дека овде има место, па да му ѕвонам“.
Што се однесува до напредокот во проектот со царинскиот терминал, погледнете ја „инспекцијата“ и оценете сами: