Бујар Османи ги соопшти петте столба на „албанската платформа“

Поздравувајќи ја изјавата на Шефик Дураку од коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива – дека би било неодговорно ако ја исклучат можноста за преговори за формирање влада со ДУИ макар што истите би оделе тешко, високиот функционер на Демократската унија за интеграција и вицепремиер за евроинтеграција – Бујар Османи, соопшти неколку клучни точки кои ќе бидат основа за преговорите.

Како што изјави Османи за „ТВ21“, многу е важно албанските партии да се согласат за „албанска платформа“ која секогаш ќе се почитува во политичката трка во албанскиот политички блок. Според Османи, истата има пет главни столбови:

„1. На изборите не се тркаме со повеќе од две листи.

2. Партијата која ќе добие глас повеќе зборува во име на Албанците во другите општини.

3. Партиите и пратениците кои имаат глас помалку, даваат поддршка на првата партија која за стратешките линии ќе зборуваат во името на сите пратеници Албанци,  а за дневно политички прашања ќе биде главен коректор.

4. Пратениците на партиите кои не победиле не водат разговори на страна за да ги ослабнат преговарачките позиции на победничката партија (како во 2006).

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

5. Можност за соработки во разни форми во интерес на граѓаните меѓу албанските политички партии“.

Со ваквата платформа, ДУИ сака да ги материјализира долгогодишните повици, па и молби на лидерот Али Ахмети, кој во неброени прилики потенцира дека е жална поделеноста во албанскиот политички блок и, според него, ситнењето на волјата на Албанците како резултат на тоа.

Апелите за обединување не се остварија ниту пред овие избори, дури ни во име на иницијативата за прв премиер Албанец, а денеска впрочем, и покрај изјавата дека преговори со ДУИ не се исклучени, Алијанса за Албанците и Алтернатива излегуваат на протест против избopниот гpaбеж, при што прстот најмногу го вперуваат токму кон Демократската унија за интеграција.

За разлика од иницијативата на ДУИ, во македонскиот политички блок СДСМ покажува сосема спротивни тенденции. Изминативе години тие се обидуваат да се промовираат како надетничка партија, што кулминираше токму на овие избори, кога настапија, првпат во државава, со „етнички мешана“ односно македонско-албанска коалиција заедно со Беса.

- Реклама -