Додека вие во сабота си теравте викенд, вицепремиерот Бујар Османи имаше полни раце работа. Во друштво на директорот на Агенцијата за спроведување на Законот за јазиците – Илбер Села, но и на камерман, Бујар возеше од институција до институција и проверуваше дали е имплементиран Законот за употреба на јазиците на таблите на влезот, односно проверуваше дали таблите се двојазични.
Подраматична ситуација имаше пред Агенцијата за администрација, каде Османи начека табла само на македонски. Веднаш му се јави на директорот и му нагласи дека иако е сабота, има нешто да го праша:
„Ало, добар ден. Бујар Османи е на телефон. Како сте директоре? Да, јас во сабота се јавувам, меѓутоа сакав да те прашам, бидејќи сум тука пред институцијата, гледам дека таблава ви е еднојазична само; Каков ви е планот за менување?“, праша вицепремиерот.
Со оглед дека Османи ги повторуваше зборовите на соговорникот на глас, знаеме и што му одговори директорот – дека требало таблата вчера да ја добијат, ама била вратена поради грешка во буквите. Османи потврди дека била добра одлуката да се врати таблата со грешки, бидејќи така ќе било полошо, но и го потсети директорот да соработува со Агенцијата за јазици, за да им помогнат околу „дефинирањето“ (5 минути и 40 секунди во видеото). Потоа, задоволен (барем навидум) од одговорот, Османи продолжи по патот.