Бугарско МНР: Бугарија ќе ги поддржи бугарските здруженија во РСМ во било кој случај

„Кога ќе стапи во сила Законот за здруженија зависи од тоа кога ќе биде објавен во Службен весник на Република Северна Македонија. Сигурно ќе ги забрани клубовите, прашање е дали ќе изнуди промена на името. Не можеме да одговориме на тоа бидејќи тоа ќе биде одлука на секој од овие клубови. Тие ќе имаат можност или да ги променат имињата или да си ги бараат правата преку суд. Бугарската држава ќе ги поддржи и во двата случаи“, изјави денеска главниот експерт во бугарското Министерство за надворешни работи – Жељазко Радуков, на редовниот брифинг за новинарите, пренесе БГНЕС.

Радуков ја коментираше и најавата дека Законот за здруженија ќе биде испратен на оценување пред Венецијанската комисија, сугерирајќи дека македонската влада е неодговорна и дека на уверувањата од македонска страна не треба да им се верува.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

„Дали Венецијанската комисија може да го запре спроведувањето на законот? Практично не, затоа што, пред сѐ, одлуките на Венецијанската комисија се советодавни, а не задолжителни. Второ, одговорна влада, кога оди да бара мислење од Венецијанската комисија, тоа го прави во моментот кога законот сѐ уште е предлог закон, а не кога е веќе усвоен“, изјави Радуков.

„Во оваа смисла, ги сметаме за неодржливи сите уверувања што ги слушаме од Северна Македонија дека Венецијанската комисија веројатно ќе го запре спроведувањето на овој закон“, додаде тој.

Останува, оцени Радуков, да се види дали законот на крајот ќе стапи во сила и каков ќе биде пристапот кон бугарските здруженија. Врз основа на тоа Бугарија ќе решава каква реакција да преземе.

- Реклама -