Бугарските психијатриски експерименти со LSD

LSD-то како дрога обично се поврзува со хипици и лудите шеесетти. Тоа што е речиси непознато во остатокот од светот се медицинските експерименти во комунистичка Бугарија во истиот тој период.

LSD-то било главната основа на експериментите на бугарската психијатарка Марина Бојаџиева, која го тестирала ефектот на дрогата врз човечки заморчиња. Меѓу нив имало од доктори и уметници, до затвореници и ментални пациенти. Меѓу 1962 и 1968 година, Бојаџиева спровела повеќе од 140 експерименти врз луѓе, сето тоа со благослов од државните власти.

Во тоа време „светиот грал“ на медицината било вештачкото предизвикување на психотични состојби кај здравите пациенти. Докторите се обидувале да предизвикаат психози кај здравите луѓе за истите полесно да ги проучуваат и евентуално да откријат лек за шизофренија. Притоа за таа цел користеле бројни лекови, а како најдобар кандидат се покажало LSD-то.


Delysid од Швајцарија 

Швајцарската компанија Sandoz во тоа време имала обид да продава лек базиран на LSD под називот Delysid, но не успеале да го пласираат на медицинскиот пазар. Никој не знаел за што може и за што треба да се користи LSD-то во улога на лек. Во текот на шеесеттите, Sandoz потрошила милиони долари со цел да достави примероци од Delysid до лабораториите и докторите ширум светот, во надеж дека некој ќе открие конкретна примена на истиот. А според планот, веднаш штом тоа ќе се случело, Sandoz (на овие простори релативно позната по лекот Лекадол) ќе го преплавела пазарот со LSD, како што тоа го направиле со барбитуратите или лековите за смирување.

Меѓу докторите што имале среќа да добијат неколку примероци од LSD-то на Sandoz била и Бојаџиева.

„Барав 50 ампули, кои и ги добив од преставникот на Sandoz. Подоцна барав уште и добив уште. Се работеше за дози од 0.0025 милиграми LSD; тогаш тоа се нарекуваше LSD-25“, се присетува професорката.

Еден од првите експериментални „зајци“ бил денес угледниот доктор Венко Александров.

„Сестрата ми вбризга LSD и ја затвори вратата зад мене. Се најдов во соба полна со манично депресивни пациенти. Дваесете минути подоцна почувствував некаков бран на топлина во стомакот. Бранот почна да се шири по моето тело и наскоро почнав неконтролирано да се смеам. За кратко ми се придружија сите во собата. Ни беше супер“, раскажува Александров.

И сликари меѓу заморчињата 

Во експериментите учествувале и неколку сликари, со надеж дека ќе предизвикаат бран од креативност. Тоа баш и не се случило. Бојаџиева подоцна заклучила дека луѓето не стануваат ништо покреативни кога се под дејство на LSD, но можат да гледаат зборови и букви во потполно различни бои.

Со текот на времето почнала да експериментира и со ментално болни пациенти, и сфатила дека нивните реакции се потполно непредвидливи. На пример, еден 22-годишник го испил нејзиното шишенце мастило, а еден норвешки пациент сакал да ја пече златната рипка од аквариумот на докторката. Друга пациентка, на возраст од 35-години, одеднаш почнала да се однесува заводливо, а одеднаш станала и исклучително вулгарна.

Наскоро и бугарската војска се заинтересирала за истражувањето на Бојаџиева. „Студената војна беше во својот ек и нашата војска имаше наслушнато гласини за експерименти со LSD на запад. Дојдоа и ме прашаа потполно отворено: ‘Можат ли да ни го пореметат умот со таа дрога?’ “, се присетува бугарската психијатарка, која потоа со согласност на војската спровела експерименти врз двајца војници. Сето тоа било снимено и забележано од официјални воени претставници, а потоа сите снимки и белешки биле запленети и Бојаџиева веќе никогаш не слушнала за двајцата војници.

Наскоро западните земји почнале да го забрануваат LSD-то, а швајцарската Sandoz ќе престане со производство на Delysid. Со тоа завршува и тоа оптимистично поглавје во медицината, кога докторите се надеваа дека LSD-то ќе им помогне на психички болните луѓе. Од друга страна, постојат извесни знаци дека можно е негово враќање на глобален план.

Atlas Obscura

- Реклама -