Бугарскиот парламент уште пофрагментиран од претходно: Девет партии го поминале изборниот праг

Според ЦИК, до 7 часот утринава, од обработените податоци, партијата ГЕРБ-СДС на Бојко Борисов има освоено 26,15 отсто од гласовите

Зградата на бугарското народно собрание / ФОТО: Архива

Девет партии влегуваат во бугарскиот парламент според резултатите од пребројаните 88,09 протоколи што Централната изборна комисија (ЦИК) на Бугарија ги објави на нејзината веб-страница по вчерашните предвремени парламентарни избори.

Според ЦИК, до 7 часот утринава, од обработените податоци, партијата ГЕРБ-СДС на Бојко Борисов има освоено 26,15 отсто од гласовите.

По нив, со освоени 15,14 отсто е коалицијата „Продолжуваат промените – демократска Бугарија“, предводена од Кирил Петков.

Трета политичка партија според освоени гласови е Преродба со освоени 12,9 отсто.

Партијата ДПС – Нов почеток на Далјан Пеевски има 10,36 отсто, а со 7,68 отсто освоени гласови е БСП-Обединета левица.

На шесто место е Алијансата за слободи и прави предводена од Ахмет Доган која има освоено 7,02 отсто од гласовите.

Во парламентот влегува и партијата Има таков народ на Слави Трифонов која има освоено 6,97 отсто од гласовите.

Прагот за влез во парламентот го поминале и партиите МЕЧ и Величие кои имаат освоено 4,65 односно 4,08 отсто од гласовите.

Според резултатите по 88,09 отсто обработени податоци, 51. состав на парламентот на Бугарија ќе биде уште пофрагментиран од претходните, пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ).

Синоќа лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов рече дека се сигурни во победата и оти се обврзуваат да формираат влада.

Посочи дека е подготвен да коалицира со сите што ја поддржуваат програмата на ГЕРБ-СДС, освен со партијата „Преродба“, со која, рече дека имаат идеолошки разлики.

Според него, победата на ГЕРБ е сигурна, а доказ за тоа е и оти нема ниту поплаки за купени гласови и манипулации.

Граѓаните на Бугарија вчера избираа 240 пратеници во 51. Народно собрание. Ова беа седми избори во последните четири години, а шести предвремени по редовните на 4 април 2021 години.

- Реклама -