Бугарскиот МО Каракачанов се заканува со блокада во ЕУ и НАТО: Не можете да правите сурогат од историски вистини и лаги

Северна Македонија нема да може да се придружи во ЕУ и НАТО доколку не го прифати ставот на Бугарија околу историските прашања кои предизвикуваат контроверзи во двете држави, изјави за ТВ „Европа“ бугарскиот министер за одбрана и претседател на националистичката партија ВМРО-БНД – Красимир Каракачанов.

Тој смета дека Бугарија треба цврсто да се придржува до својот став по овие историски прашања и да запре со поддршката во евроатлантските интеграции на својот западен сосед, ако не се постигне договор во рамките на бугарско македонската историска комисија формирана со Договорот со Бугарија.

„Скопје нема избор освен да ги признае историските факти, ако сака да се придружи во Европската унија и НАТО“, вели Каракачанов. „Ако сакате да бидете дел од ЕУ, никој не ви брани да бидете Македонци. Ако сакате да верувате во утопијата дека Александар Македонски е ваш предок, тоа е ваша работа, но не можете да ја фалсификувате историјата“, истакна министерот.

Каракачанов се сомнева во ефикасноста на работата на заедничката комисија – напорите да се дојде до точка што ќе им одговара на двете страни нема да доведат до ништо конкретно, смета тој. „Не може да се создаде сурогат од историски вистини и фалсификати, не може да се создаде нешто помеѓу лаги и вистини“.

Претходно Каракачанов изрази огорченост поради тоа што Скопје инсистира на македонското потекло на револуционерот Гоце Делчев, а лут е и поради предлогот на македонската страна во комисијата за заедничко чествување на споменот на Гоце Делчев на 7 октомври – денот кога Бугарија ѝ ги предаде неговите поcмpтни останки на Македонија.

„За мене таквиот предлог е отворен исмевање, кое всушност го подрива процесот на подобрување на односите меѓу нашите земји“, рече тој.

Претходно Каракачанов се закануваше со бугарска блокада во ЕУ и НАТО и „доколку премиерот Зоран Заев продолжи да тврди дека постои македонски јазик“. Во повеќе наврати слични предупредувања имаше и од бугарскиот претседател – Симеон Радев.

- Реклама -