Бугарски политолог: Нашата верзија за формирањето на македонскиот идентитет е нејасна и погрешна

„Бугарската историографија многу поточно од мејнстрим македонската ги опишува настаните кои се случувале пред повеќе од 100 години. Но, таа е целосно беспомошна во разбирањето на настаните кои се случуваат во последниот век и кои доведуваат до формирање на македонската нација“, изјави за Бугарското национално радио (БНР) бугарскиот политолог Николај Василев , кој на 5 јули ќе ја промовира својата книга „Македонскиот идентитет“ во театарот „Солзи и смеа“ во Софија, пренесува „Труд.бг“.

„Нашата историографија на ниту еден начин не објаснува како се случил еден толку сложен процес како формирањето на современата македонска нација. Ние сакаме да тврдиме дека тоа било едно едноставно решение на Коминтерната, што е еден доста неубав еуфемизам за Советскиот сојуз. Не може, просто, такво решение да создаде нација. Многу повеќе фактори се случиле во текот на последните 100 години“, смета Василев.

„Нашата верзија за формирање на македонскиот идентитет е неточна, нејасна, неправилна, погрешна“, додава тој. „Македонскиот идентитет оживува во моментот кога просечниот македонец си вели – боже мој, колку е добро што сме во Титова Југославија, а не во Тодорживкова Бугарија. Тоа е историја која ние исто така треба да ја осмислиме. Да бидеме малку посмирени. Инсистирањето дека тие се со испрани мозоци, а ние, демек знаеме сѐ што се случило, е многу контрапродуктивно“, порачува Василев.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

 

Прашан за вчерашната посета на премиерот Зоран Заев на Софија, тој смета дека е позитивен, но многу задоцнет чекор. Според него, решението на „случајот со РСМ“ единствено се наоѓа во рацете на политичарите, бидејќи, како што тврди, многу македонски историчари лансираат тези кои се целосно спротивни со она што реално се случувало и историјата таква каква што навистина била.

Василев додава и дека има историски факти кои не можат да се заобиколат, но од нив не следува дека треба да е проблем тоа што македонците се идентификуваат со нивниот македонски јазик или дека се идентификуваат со Гоце Делчев.

- Реклама -