Бугарски колумнист: „Имињата на бугарските клубови во Северна Македонија се 100% провокација! Зошто се правиме наудрени?“

Пишува Огнен Стефанов, за Фрогњуз.бг
Превод: МИА

Тепањето на охриѓанецот Христијан Пендиков е грозоморно злосторство. Тој е секретар на бугарскиот клуб таму. Тој беше претепан во ресторан од три лица пред десетици сведоци. Никој не интервенираше. Христијан е повреден, локалната полиција не интервенира соодветно, итната помош го прегледала и го испратила дома бидејќи имале други случаи. Пендиков со авион беше пренесен во Воено-медицинската академија во Софија и опериран. Актот на насилство врз лице кое се дефинира како етнички Бугарин е свињарија.

Но, дали се виновни само тепачите? Со сигурност, вината може да се бара и во политичките кругови во Северна Македонија, кои не престануваат да водат антибугарска пропаганда. Дали оваа пропаганда е насочена и толерирана од Белград, Москва или од друго место е прашање на длабока анализа врз основа на историски настани и факти кои различно се читаат во различни земји.

Но, секако, и Бугарија има свој „придонес“, колку што можеме да тврдиме дека сме објективни во читањето на историјата и добронамерни во барањето пат за разбирање со Скопје.

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, во неделата ја посети Софија поради претепувањето на Христијан Пендиков. Тој пред бугарските медиуми изјави дека го охрабрува отворањето на бугарски клубови во Македонија, но имињата кои во моментов се избираат се провокативни и треба да се сменат.

„Не треба да влегуваме во научна дебата за улогата на историските личности, но Македонците се навредени и мора да ја разбереме таа чувствителност“, прецизираше министерот.

А имињата се „Ванчо Михајлов“ и „Борис III“.

Се разбира, ова е провокација. Зошто ги затвораме очите и се правиме наудрени?

Иван Михајлов, познат деец на ВМРО, е човек со сложена биографија. Во историјата на Југославија, чиј дел беше и Македонија, оставил спомен за учество во трагични епизоди. Организирал терористички акти, соработувал со СС рајхсфирерот Хајнрих Химлер, создавал пронацистички баталјони кои се бореле против југословенската Народно-ослободителна армија, бил збратимен со хрватските усташи – локалните поддржувачи на Хитлер итн. Уште многу може да се каже …

Мора да се запамети дека Југославија храбро се бореше против хитлеровите трупи, не се предаде и плати со околу 2 милиони жртви. Дел од нив се Македонци.

Борис III можеби за нас е обединувач, но за Македонците е освојувач. Во јануари 1941 година тој и владата на проф. Богдан Филов одлучија Бугарија да се приклучи на Тројниот пакт. Делови од бугарската војска влегуваат во Македонија, тамошната администрација е под контрола на властите во Софија. Има случаи во кои бугарските единици се судриле со југословенските партизани.

Во 1943 година, како дел од т.н Конечно решение на еврејското прашање, бугарските власти започнуваат со депортација на Евреите од „новите земји“, како и на дел од Евреите од старите територии на земјата. Првиот дел од планот за депортација на 20.000 Евреи беше спроведен со помош на државната управа на прогерманската влада на Богдан Филов, при што 11.343 Евреи од новоприпоените региони беа испратени во Треблинка, а оние од Стара Бугарија беа спасени по активната интервенција на Светиот синод на БПЦ, како и по писмото на потпретседателот на Народното собрание Димитар Пешев и интервенцијата на истакнати интелектуалци, опозиционери итн.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

За сето тоа време југословенскиот отпор не престана да се бори со хитлеровите војски.

Да, такво беше времето, и денешна Бугарија не е одговорна за одлуките и постапките пред неколку децении. Политичките партии и организации во Северна Македонија не само што потсетуваат на овие времиња, туку ги претвораат во антибугарска пропаганда.

Во ваква ситуација, провокација е именувањето на бугарските клубови „Борис III“ и „Ванчо Михајлов“. Не можеа ли да бидат со имињата Елин Пелин, Димчо Дебељанов, Черноризец Храбар или Иван Вазов? Или уште подобро: „Светлина“, „Согласност“ – така се викал првиот општински дом во Битола, основан во 1860 година … Такви имало и во Прилеп и Велес и тоа никого не нервирало, напротив – биле центар за духовност и развој на традициите. Во Белгија постои бугарски клуб „Магичниот глас“. Ниту еден клуб на бугарските заедници во Бразил, Белгија, Чешка, Австрија, САД, Германија, Шпанија, Велика Британија, Малта, Италија, Полска, Романија, Грција (таму ги има најмногу) и на други места не го носи името на Ванчо Михајлов или Борис III.

Исто така, бескорисно е постојано да се повторува дека србофилството во Северна Македонија е силно. Силно е, па што? Методите со кои тоа беше постигнато можеби се контроверзни, но дали и Бугарите беа поштедени од импутација на русофилството како задолжителен дел од бугарската самосвест? Ако Бугарија водела конзистентна политика кон Бугарите во Македонија, работите ќе беа поинакви. Но, Коминтерната и БКП направија многу за да ги уништат природните мостови. На кого да му се лутиме? На Георги Димитров, кој на 8 октомври 1946 година испрати кочија со посмртните останки на Гоце Делчев од Софија до Скопје, а илјадници Бугари плачат, се збогуваат со војводата? Беа направени уште еден куп глупости по партиската и линијата на Кремљ. Не можеме да го вратиме времето. Но, мора да се соочиме со фактите. Затоа што да се биде искрен со историјата е можност да се оди напред.

Убавина со сила не бидува, велат луѓето.

Ќе повторам: тепањето на Христијан Пендиков е криминал, а притоа и етнички. Но, ако се случеше нешто слично кај нас со македонски државјанин, дали мислите дека медиумите и политичарите немаше да прогласат дека се работи за домашен скандал што некој намерно го разгорува? Можам по име да посочам некои познати „коментатори“ и „патриоти“ со таква дежурна функција. И вие ги знаете. Тие и нивните слики во огледалото од другата страна се основата на бесмислените скандали меѓу Скопје и Софија.

- Реклама -