Бугарија загрижена: Германија ги собра докторите, сега ќе ги собира и војниците?

И германските вооружени сили (Bundeswehr) се соочуваат со недостаток од кадар, па сега ја разгледуваат можноста и таа празнина да ја пополнуваат со кадар од земјите на ЕУ.

Во моментов, како и досега, припадници на германските вооружени сили можеа да бидат само германски државјани. Но, со почетна бруто плата од 2.000 евра за регрутите и 5.000 евра за потполковниците, без бонуси, како и со можноста за напредување, Германија смета дека ќе биде и тоа како привлечна за кандидатите од земјите на ЕУ, особено за младите од Источна Европа и Балканот.

„Регрутирањето на специјалисти од другите земји на ЕУ е една од опциите што ги разгледуваме“, изјави Еберхард Зорн – висок офицер задолжен за човечки ресурси и регрутирање. „Во време на недостиг на квалификувана работна сила, и германската армија мора да прибегнува кон нови опции и да размислува и гледа во сите правци”, додаде тој, напомнувајќи дека војници ќе бидат потребни исто како што во моментов се најбарани лекарите и ИТ специјалистите.

Прочитајте и:  Германија прави попис на бункери и засолништа во случај на руски напад, ги охрабрува и граѓаните да си направат и свои

Една од опциите е и регрутирање само на државјани на ЕУ кои моментално живеат во Германија. Такви, на возраст од 18 до 30 години, во земјата ги има околу 530.000.

 

Германското министерство за одбрана веќе ги контактирало дел од европските партнери, пред сé на истокот, но реакцијата засега е „воздржана“. Бугарија, меѓутоа, изрази загриженост поради можниот масовен одлив на припадниците на своите оружени сили, исто како што тоа им се случува и со медицинските кадри.

Комесарот на Бундестагот за вооружените сили, од друга страна, Ханс-Петер Бартелс, смета дека регрутирањето странци од земјите на Унијата би било „сосема нормално“ нешто.

„Во Bundeswehr веќе и сега имаме полно војници со мигрантско потекло или со двојно државјанство“, истакнува тој.

- Реклама -