Бугарија: Терминот „македонски“ означува и секогаш означувал само регионална, а не и етничка припадност

Покрај негирањето на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, за кои Бугарија тврди дека се вештачка творба на Тито и не потоеле пред 1944 година и всушност се бугарски, нашиот источен сосед ја оспорува и самата придавка „македонски“ (што впрочем е и логичен заклучок од претходно наведените позиции). Тоа може да се види во „објаснувачкиот меморандум“ на официјална Софија до земјите членки на ЕУ, кој во целосна форма го објави бугарската новинска агенција БГНЕС. Како што се тврди во документот, во делот насловен „Историски преглед“, терминот „Македонија“ отсекогаш имал само географско значење, а терминот „македонски“ означувал само географско, но не и засебно етничко потекло:

„ИСТОРИСКИ ПРЕГЛЕД

Македонија е географска и историска област, која денес се наоѓа во границите на шест земји – Бугарија, Грција, Република Северна Македонија, Албанија, Косово и Србија. Затоа, сите обиди да се наметне географскиот поим Македонија како официјално име на новосоздадената по 1992 година држава, во текот на 28 години, беа оптоварени со политичка чувствителност.

Во соседните земји, терминот „македонски“ се користи за означување на географско потекло, а не на национален идентитет. Во Бугарија, стотици илјади Бугари се самоопределуваат како „македонци“ од аспект на нивната регионална припадност, додека јасно посочуваат на бугарското етничко потекло. Од оваа причина, се јавува значителна забуна кога изразите „македонски“ и „со потекло од Република Северна Македонија“ се користат како синоними на меѓународните форуми.

Кога по Првата светска војна дел од географската област Македонија беше вклучен во Кралството Југославија, поголемото мнозинство од нејзиното словенско население јасно се идентификуваше како бугарско. Ова го потврдуваат сите дипломатски и историски информации од тоа време. Помеѓу двете светски војни, Белград се обиде да го искорени бугарскиот идентитет на ова население наметнувајќи му нов – „јужносрпски“. Бидејќи овој обид се покажа неуспешен, по Втората светска војна југословенскиот комунистички водач Јосип Броз Тито прибегна кон наметнување на друг нов идентитет, овојпат „македонски“, во тогашната Социјалистичка Република Македонија (СРМ). Тито беше помогнат и инспириран од одлуката на Комунистичката интернационала (Коминтерна) во 1934 година да создаде нови „македонски“, „тракијски“ и „добруџански“ нации.

Проектот на Тито беше реализиран по пат на измислување на нова историја, која ги постави темелите на тој нов „македонски“ концепт, со цел да се замени традиционалниот бугарски идентитет со регионален. Изграден е на сметка на историјата и географијата на соседните земји, со што се поставија темелите за идните територијални и малцински претензии од страна на Југославија. За да се спроведе оваа политика, „лингвистите“ од Антифашистичкото собрание за национално ослободување на Македонија (АСНОМ), контролирано од комунистите, на 2 август 1944 година го објавија постоењето на посебен „македонски“ јазик…“, се вели во документот.

Целиот меморандум, на македонски јазик, можете да го прочитате ТУКА.

- Реклама -