Бугарија сака Македонија да преземе одговорност за депортираните Евреи во Треблинка, тврди историчарот Асани

Преговорите меѓу Бугарија и Македонија не ги кочат прашањата за Гоце Делчев и за македонскиот јазик, туку периодот на Втората светска војна, тврди историчарот Скендер Асани, пренесува „ТВ21“.

Според него, иако тогаш Големата Бугарија ги депортирала Евреите од Скопје во логорот Треблинка, Софија денес бара Македонија да ја преземе одговорноста за оваа темна точка од историјата:

„Главниот спор меѓу Македонија и Бугарија е периодот на Втората светска војна, односно истерување на 7.189 евреи од Скопје до Треблинка. Во Втората светска војна беше голема Бугарија и Скопје беше под бугарска окупација“, вели Асани.

Асани оценува дека создавањето на македонско-бугарската заедничка историска комисија е „голема грешка“, бидејќи, како што тврди, историчарите не можат да дојдат до решение.

„Само политиката може да донесе решенија“, убеден е тој. „Од почетокот тоа стана проблем и сега ги гледаме оние црвени линии на двете делегации кои во моментот не гледаат соодветно решение. Тука гледам дека политиката само може да го реши ова прашање“, вели историчарот.

Како што пишува „ТВ21“, Асани е еден од делот албански историчари не веруваат дека заедничката комисија ќе постигне решение. Затоа, пишува порталот, тие предлагаат во комисијата да има и историчари кои се етнички Албанци.

- Реклама -