Неодговорна и тешка геостратешка грешка е ветото од Бугарија за почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во Европската унија, велат од Владата. Оттаму истакнуваат дека и Бугарија, заедно со останатите ЕУ членки, првично потврди дека земјата ги исполнува сите услови. Порачуваат дека македонскиот идентитет не може да биде предмет на преговори. Уверуваат дека реформите ќе продолжат со уште побрзо темпо, на истиот колосек – кон ЕУ.
Реакцијата на Владата прочитајте ја во целост во продолжение:
„Република Бугарија стави вето на почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија и со тоа застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и сите останати земји-членки одделно, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите.
Северна Македонија никогаш нема да се откаже од правото на самоопределување на македонските граѓани кое е гарантирано со Повелбата на ООН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор како уставна основа на ЕУ и темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија. Македонскиот национален идентитет не беше, не е и невозможно е да биде предмет на преговори. Македонскиот народ и македонскиот јазик се столбовите на македонскиот идентитет. Тие доаѓаат од минатото, а во исто време се столбови на нашата европска иднина.
За жал, процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ го запре Република Бугарија како членка на ЕУ. Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка. Во март, Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји-членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија. Во исклучително позитивниот извештај од Европската комисија за реформскиот напредок ние сме подобри од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат. Нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни. Неодобрувањето на преговарачката рамка е на штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија.
Владата на Северна Македонија нема да дозволи застој на внатрешните реформи. Напротив, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста во демократски реформи што ја имаме во регионот. Владата останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО и ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ! Наша обврска е да ги изградиме европските стандарди дома! За нас нема друг пат, нема друга алтернатива. Македонската иднина е европска“.