Бугарија ќе издржи 6 месеци ако Русија ја запре нафтата и ако се затвори Босфорот

Софија, 13 мај 2022 (МИА) – Бугарската економија би можела да издржи шест месеци доколку Русија престане со испрака на нафта и Босфорот биде затворен, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за финансии Асен Василев за време на парламентарната контрола.

Тој изрази уверување дека Европската комисија ќе ѝ овозможи на Бугарија да добива руска нафта, а во исто време да бара начини за диверзификација на испораките на нафта.

„Бугарија може да издржи шест месеци ако се затвори Босфорот и престане да се увезува руска нафта“.

Според Асен Василев, ова е најцрното сценарио, бидејќи би значело дека нема да има каде да се влезе со брод за да се стигне до пристаништето Розенец, во близина на градот Бургас на Црното Море, што е главното нафтено пристаниште во Бугарија.

Прочитајте и:  Извештај: Западот индиректно го финансира руското воено производство преку увоз од Турција

Во буџетот има бафери со кои може брзо да се одговори на ваквото сценарио во земјава. Според вицепремиерот Василев, бугарскиот национален интерес е да има отстапување од санкциите на ЕК за руската нафта од една страна и постепено да се диверзифицираат добавувачите на нафта. Според него, треба да се изградат автопат, железница и нафтоводи меѓу Александрополис (Грција) – Бургас (БГ) – Варна (БГ) – Констанца (Романија).

Асен Василев изјави дека Лукоил-Нефточим не може да се национализира, бидејќи легално не е руски и не е на забранетата листа.Бугарскиот вицепремиер рече дека Лукоил во неговата земја е швајцарски, а не руска сопственост, јави дописникот на МИА од Софија.

- Реклама -