„И Европа, и ние, ќе го следиме пописот во РСМ за да биде спроведен по сите европски стандарди и правила“, изјави екс-вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија – Екатерина Захариева, во интервју на „BGonAir“. Според неа пописот во земјава бил одложен поради „тензии со Албанците“.
„Тензии“, според неа, државава има и со овдешните Бугари, па затоа Скопје треба да престане вината да ја бара кај други, наместо кај себе.
„Пред 4 години на Скопје виновна им беше Грција, две години подоцна виновни им беа други две држави – Холандија и Франција, сега виновна е Бугарија. Скопје не треба да бара надворешни причини за недостатокот од реформи во државата“, рече Захариева.
Прашана дали Бугарија треба да реагира ако на пописот „малку луѓе се изјаснат како Бугари, со оглед на фактот дека 120.000 лица од РСМ земале бугарски пасош врз основа на бугарско потекло“, Захариева рече дека очекува Бугарите овојпат да бидат „похрабри“, иако властите во РСМ „ќе направеле сѐ што можат за Бугарите да ги има што помалку“.
„Тогаш кога не можете да си најдете работа или да ја загубите работата само зашто имате јасно бугарско самоопределување, кога без никаква причина ве посетуваат агенти на нивната национална безбедност, кога регистарските табли на колата ви ги вадат само зашто се бугарски, кога имате притисоци кои траат повеќе од 80 години, стравот е разбирлив. Но, тие кои ја видоа поддршката од Софија и видоа дека Бугарија нема да продолжи да молчи, дел од нив престанаа да се плашат“, рече Захариева.
Сепак, вели таа, стравот кај Бугарите во земјава сѐ уште го има.
„Видовте што се случи со нивниот претставник за Евровизија. Тоа беше толку јавно, пред очите на целиот свет. Така што, се надевам дека Скопје повеќе нема да има образ да го одрекува тоа“, додаде Захариева.
Во однос на евроинтеграцијата на земјава, Захариева повторно ја префрли топката на македонска страна.
„Ние немаме претензии кон тоа како да се нарекуваат. Не е наш проблемот со правото на самоопределување, нивни е. Тие имаат проблеми со луѓето кои живеат таму и се чувствуваат (истовремено, н.з.) и Македонци и Бугари. Бугарија никогаш немала проблем со нивното право на самоопределување. Не претендираме и не сме барале промена на нивниот Устав. Имаме проблем со говорот на омраза кон сѐ што е поврзано со Бугарија, поради фалсификување на историјата“, рече екс-шефицата на бугарската дипломатија.
Во однос на заедничкиот евроинтегративен пат на Албанија и Македонија, Захариева истакна дека смета дека е подобро двете земји заедно да одат по патот на преговорите, но исто така посочи дека тој пат се базира на заслуги.
„Пред 3 години Скопје настојуваше да се одвои од Албанија, а сега, иако Тирана официјално тоа не го побарала, сѐ повеќе се говори за одделување на Албанија од РСМ“, додаде Захариева.