Буџетот за идната година месецов ќе се најде на владина седница, се бараат пари за покачување на платите во здравството

„За образованието веќе имаме информација дека има постигнато договор. Очекуваме сега и во здравството да видиме, особено за медицинско-техничкиот персонал. Докторите ги исклучувам овде бидејќи тие во минатото имаа повеќе покачување. Не велам дека можеби нема да бидат опфатени, но фокусот ни е повеќе на техничките служби, медицинските сестри“, вели министерката

Буџетот за идната година најверојатно до крајот на овој месец ќе се најде на владина седница и во него, според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, се бараат пари за покачување на платите на медицинско-техничкиот персонал и за медицинските сестри.

Димитриеска-Кочоска денеска во изјава за медиумите рече дека контурите на буџетот се во рамките на тоа што е во фискалната стратегија.

„Во однос на контурите за буџетот за 2025 година може да се отвори фискалната стратегија и генерално се движиме во тој круг кој веќе е познат и помина на седница на Влада. Контурите на буџетот за 2025 година се во рамките на тоа што е во фискалната стратегија“,

вели Димитриеска-Кочоска која присуствуваше на презентација на резултатите од работата на Царинската управа.

Според министерката, во минатата најобесправени биле вработените во образованието и во здравството и, како што вели, затоа сега се фокусирани во тој дел.

„Во однос на покачувањето на платите, зборувавме во минатото, сметаме оти најобесправени или најмногу погодени се образованието и здравството и токму сме фокусирани во тој дел. За образованието веќе имаме информација дека има постигнато договор. Очекуваме сега и во здравството да видиме, особено за медицинско-техничкиот персонал. Докторите ги исклучувам овде бидејќи тие во минатото имаа повеќе покачување. Не велам дека можеби нема да бидат опфатени, но фокусот ни е повеќе на техничките служби, медицинските сестри“,

рече Димитриеска-Кочоска.

Во однос на тоа кога би можело да се очекува да дојде до промена, Димитриеска-Кочоска рече дека однапред не може ништо да зборува.

„Не можам да зборувам ништо однапред, ги разгледуваме бројките и ако продолжиме со ваква наплата на приходите ние можеме и за многу различни работи да разговараме во иднина и за поголеми покачувања. Ако за 100 дена сме успеале да направиме поголема наплата во буџетот, може да замислите какви ни се очекувањата за 2025 година со воведување на е-фактурата, уште многу, многу повеќе. Така што за 2026-2027 година може да зборуваме за покачување и во рамки на други сектори“,

рече таа.

Прашана кога предлог-буџетот ќе се најде на владина седница, Димитриеска-Кочоска рече дека законскиот рок за тој да помине е 15 ноември.

„Законскиот рок е најдоцна до 15 ноември. Се подготвуваме за владината седница в среда, но не можам ништо да ветам, имаме уште некои ситници што треба да се издоговорат со некои министри каде што требаше да има некои кратења. Така што, ако не успееме за оваа среда, следната недела не сум тука и тоа значи дека во последниот вторник од месецот да се најде буџетот на владина седница“,

рече Димитриеска-Кочоска.

Викендов премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Синдикатот на образованието (СОНК), Јаким Неделков, објавија дека вработените во основното и средното образование ќе добијат покачување на платите од пет отсто.

На заедничката прес-конференција што се одржа во Владата, премиерот Мицкоски потенцира дека е задоволен од фактот дека е постигнат долгорочен договор кој натаму нема да предизвикува тензии во односите меѓу социјалните партнери. Според него, постигнат е договор кој е историски во насока на подобрување на финансиската состојба на наставниците и на професорите во основното и средното образование.

- Реклама -