Во Мјанмар се води војна против наркотиците, а не се поштедени ни свештениците.
Мјанмар е земјата со најмногу будисти, со околу 48 милиони верници. Исто така е и еден од најголемите производители на наркотици во Јужна Азија, познат по извозот на големи количини опиум, канабис и метамфетамини во соседните земји. Не некои тоа ќе им се чини логично – верата и религијата понекогаш да ги вкрстат патиштата со дрогите… како што се случи неделава, кога полицијата откри залиха од повеќе од 4 милиони пилули метамфетамин, скриени во инаку непристапниот будистички манастир Svee Bahu во западниот дел на градот Мангдау.
Монахот Арсара, угледен (веќе не, очигледно) поглавар на манастирот, е фатен додека со автомобил патувал кон границата со Бангладеш. Фатен е од мјанмарската единица за борба против наркотици, по анонимна дојава. Во моментот, Арсара транспортирал околу 400.000 метамфетамини, како и куп пари во локална валута. По апсењето, полицијата го претресла неговиот манастир и нашла уште 4 милиони таблети, ама и бомби и разна друга муниција. Уличната вредност на сите тие пилули се проценува на повеќе од 4 милиони долари.
„Ова не е вообичаен случај и сите бевме во голем шок кога чувме дека е уапсен локалниот свештеник“, изјави еден локален полицаец.
Според сајтот The Irrawaddy, ова е прв случај во кој мјанмарската полиција апси монах заради препродажба на дрога. Се случи како дел од големата акција против нарко-картелите ширум земјата која во последните години ја води полицијата на Мјанмар. Една друга голема акција во 2016-та година, доведе до заплена на повеќе од 20 милиони таблети метамфетамин близу до кинеската граница, додека 6 милиони беа запленети на градилиштето во Мангдау, токму во близината на манастирот во кој е најдена последната залиха. Само во текот на претходната година, ширум Азија се запленети рекордни 98 милиони пилули метамфетамин.
Монашката кариера на Арсара веројатно е завршена. Трговија со наркотици баш и не спаѓа во работните активности на еден будистички монах, а како што истакнува и мјанмарскиот министер за прашања по верата – Су Мин Тун, ниту монаштвото нема да биде доволно за да го спаси Арсара од судско гонење.
„Ќе мора веднаш да се одрече од позицијата и да се соочи со судски процес, како и секој друг граѓанин“.